Економија
Грција го усвои штедливиот буџет за идната година
Грчкиот парламент го прифати ноќта кон неделата буџетот за 2014 година со кој планира да оствари заштеди поголеми од три милијарди евра и според кој земјата оптоварена со долгови следната година би требало да излезе од шестгодишната рецесија.
Откако речиси банкротираше и минатата година речиси беше исфрлена до еврозоната, Грција во 2014 година очекува раст на бруто домашниот производ (БДП) од 0,6 отсто, надевајќи се дека ќе осигури повеќе простор за маневрирање за враќање на своите големи долгови.
„Ова е историски ден. Жртвите дадоа резултат и ги променија трендовите во земјата“, рече пред пратениците премиерот Антонис Самарис додавајќи дека станува збор за буџет на заздравување и надеж.
Опозицијата остро го критикуваше предлог буџетот, сметајќи го за привремен, имајќи предвид дека него не го одобрила сѐ уште „тројката“ странски доверители. Претставниците на партијата Независни Грци го нарекоа ваквиот буџет „нов чин во трагедијата на грчкиот народ“, тврдејќи дека долговите ќе ги плаќаат идните поколенија до 2057 година.
На гласањето од 300 пратеници, предлог буџетот го поддржаа 153 пратеници о свете владејачки партии, конзервативната Неа димократија и социјалистите од Пасок, притоа медиуми забележуваат дека од нејасни причини, еден од пратениците на Неа димократија не гласал. Против грчкиот буџет за 2014 година беа 142 пратеници и еден воздржани, а во гласањето не учествуваа и тројцата пратеници на неофашистичката Златна зора коишто се во затвор по акцијата на властите по оваа партија по низата инциденти поврзани со нејзиното дејствување.
Пратениците од левата коалиција Димар којашто во јуни годинава ја напушти владејачката коалиција, гласаше против буџетот барајќи измени на односите меѓу Грција и Европската унија и странските кредитори.
Владата во Атина предвидува дека во оваа година ќе оствари буџетски вишок од 812 милиони евра, благодарејќи на приходите од даноците повисоките од очекуваните. Претходно се предвидуваше вишок од 344 милиони евра. Меѓутоа, Грција и нејзините странски кредитори не се согласуваат со прогнозите за идната година. Грчката економија се намали речиси за четвртина од 2008 година, кога земјата се најде во длабоката финансиска криза и неможноста да го отплатува својот огромен долг./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Ана Митреска: Монетарната политика на Народната банка ја поддржува ценовната стабилност во економијата
Поставеноста на монетарната политика на Народната банка има за цел да овозможи натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата и стабилни инфлациски очекувања. Во услови на присутна неизвесност, монетарната политика останува внимателна, а Народната банка е подготвена, доколку е потребно, да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска во рамките на панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Фајненшал тајмс“.
„Инфлацијата забележа значително намалување и се сведе на едноцифрено ниво, како резултат на слабеењето на надворешните ценовни притисоци и спроведувањето на претпазлива монетарна политика, поддржана и со макропрудентните мерки. Сепак, инфлацијата и понатаму се движи околу 4%, што е над нејзиниот историски просек и над стапката на инфлација во еврозоната, но е споредлива со просечната инфлација во земјите од Централна и Источна Европа“, истакна вицегувернерката Митреска. Таа нагласи дека ваквите движења укажуваат на постоење заеднички регионални фактори што ја одредуваат инфлациската динамика, меѓу кои се растот на платите и кредитниот циклус, при што процесот на дезинфлација кај нас и во земјите од регионот е подолготраен во споредба со еврозоната.
„Иако беше започнат процес на нормализација на основната каматна стапка, тој запре во февруари минатата година, по што дополнително беше зајакнат претпазливиот монетарен пристап преку инструментот задолжителна резерва и преку примена на макропрудентни мерки, со цел поефикасно утврдување на инфлациските очекувања“, посочи Митреска, нагласувајќи дека Народната банка и понатаму ќе пристапува внимателно при носењето на монетарните одлуки, со цел обезбедување одржлива макроекономска и финансиска стабилност. Се очекува ваквата поставеност да обезбеди понатамошно намалување на домашната инфлација.
Форумот на Централна и Источна Европа претставува еден од најзначајните и најреномираните годишни настани во областа на финансиите, на кој традиционално учествуваат високи претставници на централните банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и меѓународни инвеститори.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.

