Култура
Четкар: Како македонски уметник добив историска музичка можност во САД
Владимир Василевски- Четкар веќе неколку години својата музичка кариера ја гради во колевката на џез и соул музиката Њујорк.
Владимир Василевски- Четкар веќе неколку години својата музичка кариера ја гради во колевката на џез и соул музиката Њујорк. По завршувањето на неговите студии на реномираниот колеџ „Беркли“ во Бостон, одлучи џез, соул и панк музичката приказна да ја раскажува низ реномирани џез клубови во Њујорк, Бостон, Вашингтон, соработувајќи со музички имиња значајни за неговиот развој како уметник и музичар. Компонирањето, аранжирањето, џез -гитарата и гласот се неговата добитна комбинација во создавањето на музички дела кои публиката ги сака, а музичката критика ги оценува позитивно.
Неговиот втор албум „We will never end“, зад кој стои издавачката куќа „Хармониа продакшн “се продава секаде во светот низ повеќе специјализирани музички продавници како и дигитално (Итјунс, Амазон). Продажбата според информациите на Четкар оди добро во САД и Англија. Песните се наоѓаат на плејлистите на Би-Би-Си, Си-Би-Ес, Лајт FM, „Министри оф саунд“, дел се и од повеќе компилациски изданија во различни земји.
Во текот на годината освен американскиот го освојува и светскиот пазар, но летото секогаш е резервирано за настап пред македонската публика, пред која настапува со задоволство и го промовира она што во меѓувреме го сработел.„Ова лето повторно ќе го имам задоволството да се претставам пред македонската публика и тоа со големи концерти на Охридско лето (7 август во Антички театар), Бит фест (10 август на Широк сокак во Битола), а ќе имам настапи и низ другите македонски градови како Струга и Штип, каде до сега не сум имал можност да настапам. Ќе бидам придружуван од мојот европски квартет составен од Ху Вајт на клавијатури, Џонатан Харви на бас и Бено сатлер на тапани. Оваа година премиерно ќе бидат изведени моите нови музички материјали,“ вели Четкар во интервјуто за „Макфакс“.
Во изминатиов период Владимир Василевски Четкар имаше многу настапи во живо и ретка привилегија да свири во најпознатите џез клубови во светот од кои би ги издвоиле „Блу ноут“ во Њујорк, „Блу алеј“ во Вашингтон, „ Регатабар“ во Бостон, „Будапест џез клуб“ во Будимпешта. „Да се биде музички уметник кој ја негува џез, соул и фанк музиката во Њујорк, светскиот центар на овие музички правци е најголемиот предизвик со кој еден музичар може да се соочи. За многу кратко време откога се преселив во Њујорк ми се случија многу значајни нешта и како македонски музички уметник добив историска можност да почнам да настапувам во некој од најпознатите музички клубови и сцени во САД. Истовремено, музичката критика во САД и светот ми даде фантастична поддршка со што дополнително ме мотивира и отвори многу врати на интернационалната музичка сцена во жанрот на џез, соул и фанк музиката“ додава Четкар
Годинава соработувал со повеќе музичари и продуценти од кои најзвучни се имињата на Димитри фром Париз и Том Мултон. Димитри е меѓу најпопуларните и најреспектирани диџеи- продуценти во светот. Па неговата покана до Четкар да гостува на негов проект, за македонскиот уметник е огромна чест.
„Искуството кое го стекнав со овие мајстори на својот занает е бесценето и секако дека позитивно влијаеше врз моето усовршување,“ додаде Четкар.
Ричи Харт, Џон Томас, Грег Хопкинс и Џеј Кенеди биле негови реномирани професори на „Беркли“, а џез музиката ја засакал слушајќи ги Џорџ Бенсон, Квинси Џонс Хенкок…
„Со Бостон ме поврзуваат прекрасни мемории. Во Бостон ги завршив студиите на музичкиот колеџ „Беркли“ и таму ги направив првите професионални чекори како музичар. Њујорк од друга страна е најконкурентното и најдинамичното место во светот каде си опкружен од светскиот музички крем меѓутоа, и вистинското место каде еден уметник може да се исчеличи, докаже и промовира како себе така и својата земја,“ вели нашиот соговорник.
По настапите во Македонија, ќе настапува на џез музичките фестивали во Ниш и Лондон, а според него, со секое учество на сериозен музички ивент или фестивал се отвораат нови можности и се стекнуваат со нови фанови кои секако се најбитни за долговечноста на еден музички уметник.„Во Лондон ќе дебитирам со два концерти во октомври, а во Ниш ја имам честа да настапам на затворањето на Ниш џез фестивал (15 август) кој моментно е најголемиот интернационален џез фестивал во Југоисточна Европа,“ говори Четкар за неговите настапи во интервјуто за „Макфакс“.
Освен што се подготвува за доаѓање во Македонија, моментно работи на неговата светска турнеја, промоцијата на азискиот пазар и на неговиот нов албум. Првите нумери „Оушн оф лав“, „Лет јурселф гоу“, „Хипнотајзд“ му ја отворија вратата на Четкар за влез на американската и светската џез сцена. Овие музички материјали Четкар ги снимаше во познатите „Легаси рекординг“ и „Катинг рум“ студија од каде што се лансираа повеќе платиниумски албуми на Мараја Кјери, Џенифер Лопез, Алиша Кис. До сега соработувал со „Џестофанк“, „Хауславерс“, „Релатив депт“ и многу други музичари, а на гостувањата во Македонија со Дамир Имери и Оливер Дуев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот Културно информативен центар во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со издавачката куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.

Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.
Култура
Mузичката елита ќе пее во чест на маестро Кире Костов
Голем број познати имиња од забавната музика на гала-концерт ќе му оддадат почит на човекот што ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – едиствениот маестро Кире Костов.
„Летај галебе“ е насловот на концертот што ќе се одржи во Националната опера и Балет во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.
На концертот во чест на големиот маестро ќе настапат Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.
„Ова е важен концерт за нашето семејство бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек што живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман“, вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.
Инаку, во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај галебе“ на авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и во Скопје, а имаше и своја уникатна радиопромоција на брановите на Радио Бубамара.
Организаторите од „Баги комуникации“ додаваат дека „Летај галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан што ќе ја врати публиката во времето кога песните се создаваа со душа. Тие потенцираат дека е важно да се негуваат домашните автори, да се слуша музиката што била создавана низ времето и да се пренесува на генерациите што доаѓаат.
Инаку, Кире Костов е симбол на македонската музика – композитор, аранжер и диригент, кој создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“ до големите фестивалски композиции и оркестарски дела – неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство. Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, НЛБ банка, „Алкалоид“ и „Триглав“, а снимката ќе биде архивирана и емитувана на Македонската телевизија.
Култура
Во Скопје концертна промоција на „Афро гитано“: албум снимен на три континенти
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „’Afro Gitano’ е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото.
„Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка“, вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно“.
Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот“, вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот“.
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот“, додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар“, вели Китановски.

