Култура
Успешна година за Мал драмски театар Битола
Мал драмски театар Битола во текот на 2010 г. реализира шест театарски проекти „Црвено“, „Разговор со Спиноза“, „Среќни денови“, „Госпоѓа А“, „Дневникот на лудиот“ и „Сребрена свадба“
За досегашните многубројни успеси на МДТ-Битола, сведочат седумте меѓународни награди на фестивалите MESS-Сараево, ExPonto-Љубљана, Јоаким фест во Крагуевац, Фестивал на камерна драма во Враца…Продуцирањето на квалитетни театарски проекти го прави МДТ-Битола, единствен театар од Македонија кој 2 години со ред настапува на најголемите театарски фестивали во регионот: MESS, ExPonto, Saraevska zima, NETA-festival и настапи во Италија, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Косово…Со претставата „Столови“ од Ежен Јонеско во режија на Љупчо Ѓоргиевски во која настапуваат доајенот на македонското глумиште Јоана Поповска и врвниот бугарски актер Анастас Попдимитров, ќе реализира уште една голема турнеа во Лондон (28.11.2010) на свеченоѕо затворање на манифестацијата Денови на македонската култура, во Софија (02.12.2010) гостување во Националниот театар „Иван Вазов“, во Цетиње (13.12.2010) покана за учество на јубилеот сто години Кралски театар Затески дом и во Подгорица (14.12.2010).Претставата „Столови“ гостуваше на фестивалите Гала во Истамбул, Балкански театарски простор во Санкт Петерзбург и на Актер на Европа во Киев, а во април 2011 г. е поканета на DUО – фестивалот во Виена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.