Култура
Концерт на класична музика на Бит Фест
Во понеделник со почеток во 20, 30 часот, во Концертна сала на Завод и музеј Битола, ќе се случи концерт на класична музика во изведба на Боби Коминовски на саксафон и Билјана Димовска на пијано
Дуото Коминовски- Димовска редовно настапуваат повеќе години, а како плод на нивното успешно концертирање имаат реализирано заедничко CD во 2005 година. На програмата вечерва ќе бидат исполените делата од E. Coates – Saxo Rhapsody; од W. Jacobi – Sonata, Allegro, Sarabande, Allegro; од J. Francaix – Cinq danses exotiques, Pambiche, Baiao, Mambo, Samba lenta, Merengue; A. Grgin – Concertino sopran sax, Slow, Valse, Swing и од V. Monti – Csardas. Боби Коминовски е роден 1968 г. во Битола. Музичкото образование го започнува во Битола отсек кларинет во класата на проф. Панде Татарчевски. По завршувањето на средното музичко учолиште во 1986 год. се запишува на Ф.М.У. во Скопје во класата на М-р Иван Кочаров (отсек кларинет) и успешно ги завршува студиите во 1991 г. Од 1993 г. работи во музичкото училиште во Ресен во склоп на Пионерскиот центар под раководство на проф. Кирил Петков, додека од 1995 г. е вработен во средното музичко училиште во Битола како професор по кларинет и саксофон каде како педагог се истакнува со својата работа освојувајки високи награди со своите ученици на сите републички и меѓународни натпревари. Во 2000 г. запишува студии на Ф.М.У. отсек саксофон во класата на м-р Стојан Димов каде што под негово менторство ги завршува и магистерските студии во 2004 г. Како доказ за својата успешна педагошка дејност има добиено Признание од Здружението на музичките и балетските педагози на Македонија за најуспешен педагог во учебната 2006 / 2007 г. Во текот на школувањето освоил повеќе награди како: Прва републичка награда во 1984 г. Прва републичка награда во 1998г. Трета сојузна награда на натпреварот во Љубљана. Има настапувано со Македонската филхармонија; со Оркестарот при Ф.М.У. Скопје и Битолскиот камерен оркестар. Редовен член е во жири комисијата на Републичките натпревари, на Мегународниот натпревар “ Охридски бисери” како и на Мегународниот натпревар во Смедерево “ Саксофонијада”.И Билјана Димовска родена 1978 г. е битолчанка. Средното музичко образование го завршува во класата на проф. Маргарита Татарчевска. Во 2000 г. дипломира, а во 2003 г. и магистрира на Ф.М.У. во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во текот на своето образование има учествувано на повеќе семинари и мастеркласи кај светски познати пијанисти меѓу кои Борис Романов, Павел Егоров, Акилес дел Вињ, Андреј Диев и др. Има настапувано на повеќе значајни манифестации во нашата земја” Денови на Македонската музика” , “Скопско лето’ , “ Пролетни вечери”, “Денови на полската култура во македонија” ,” Музички вторник’ , а во 1998 г. во склоп на Меѓународниот фестивал” Интерфест” – Битола настапи на подиум на млади. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди: Втора републичка награда во 1989, Првa републичкa наградa во 1992, Прва републичка награда во 1995 год. Во 1996 год. освојува Прва награда на Меѓународниот натпревар “Нашите деца свират Бах” во Бугарија; како и Специјална награда “Стефан Трајанов” на истиот натпревар. Истата година учествува на Меѓународниот натпревар по камерна музика во Белград. Во 1998 г. освојува Специјална награда на републичките натпревари. Во текот на своето образование оценета е со највисоката оценка CUM LAUDE. Како солист има настапено со Оркестарот при Ф.М.У. Скопје како и со Македонската филхармонија. Вработена е во Музичкото училиште во Битола како професор по пијано и музички соработник каде забележува видни резултати земајќи учество со своите ученици на републички и меѓународни натпревари. Член е на жирито на Републичките натпревари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот Културно информативен центар во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со издавачката куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.

Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.
Култура
Mузичката елита ќе пее во чест на маестро Кире Костов
Голем број познати имиња од забавната музика на гала-концерт ќе му оддадат почит на човекот што ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – едиствениот маестро Кире Костов.
„Летај галебе“ е насловот на концертот што ќе се одржи во Националната опера и Балет во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.
На концертот во чест на големиот маестро ќе настапат Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.
„Ова е важен концерт за нашето семејство бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек што живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман“, вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.
Инаку, во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај галебе“ на авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и во Скопје, а имаше и своја уникатна радиопромоција на брановите на Радио Бубамара.
Организаторите од „Баги комуникации“ додаваат дека „Летај галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан што ќе ја врати публиката во времето кога песните се создаваа со душа. Тие потенцираат дека е важно да се негуваат домашните автори, да се слуша музиката што била создавана низ времето и да се пренесува на генерациите што доаѓаат.
Инаку, Кире Костов е симбол на македонската музика – композитор, аранжер и диригент, кој создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“ до големите фестивалски композиции и оркестарски дела – неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство. Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, НЛБ банка, „Алкалоид“ и „Триглав“, а снимката ќе биде архивирана и емитувана на Македонската телевизија.
Култура
Во Скопје концертна промоција на „Афро гитано“: албум снимен на три континенти
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „’Afro Gitano’ е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото.
„Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка“, вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно“.
Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот“, вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот“.
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот“, додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар“, вели Китановски.

