Македонија
Иванов: Да ги жртвуваме личните за државните интереси
Денеска, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, повикувам да ги жртвуваме личните за општите интереси, тесно-партиските заради државните интереси, мора да се стави крај на спиралата на поделби, порача во вторникот од историското Пелинце македонскиот претседател Ѓорге Иванов во говорот по повод националниот празник 2-ри Август – Илинден.
Треба да градиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси, рече Иванов и повика дијалогот да биде воден „во институциите, а не во амбасадите“.
„Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори“, порача македонскиот претседател.
Иванов својот говор го посвети на неодамна постигнатиот договор меѓу четирите водечки партии во земјата кој треба да стави крај на речиси двегодишната политичка криза.
„По долго време и исцрпувачки преговори, постигнат е договор за надминување на политичката криза. Со помош на меѓународните посредници, лидерите на политичките партии се договорија за предвремени парламентарни избори. Го поздравувам овој договор што македонските граѓани го дочекаа со оддишка“, рече Иванов.
Но истовремено шефот на државата предупреди дека по постиганиот договор следува потешкиот дел.
„Тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија“, нагласи Иванов.
Потсети дека за како што за иднина е потребно единството, така и за единство е неопходно помирувањето, додавајќи дека до него може да се дојде само со жртвувања.
„Денеска, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, теснопартиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во институциите, а не во амбасадите. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори“, порача Иванов
Ги повика партиите, граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница, и партиите да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните ога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори
Со цел враќање на политичката стабилност во земјата, Иванов ги повика граѓанските здруженија и движења, но и интелектуалците, да се воздржат од цинизам и демонизирање на оние со кои не се согласуваат, а новинарите да бидат чувари на вистината и совест на општеството, а не да шират паника, страв и сензационализам.
Иванов упати порака и до меѓународната заедница, и ги повика европските и евроатлантските партнери да не ги користат последиците од блокадите како причина за нови блокади.
„Како што блокираната европска и евроатлантска иднина придонесе да се блокираат политичките процеси во Македонија, така деблокадата на интеграциите ќе ја врати стабилноста. Ги повикувам да го почитуваат меѓународното право во случајот со Македонија“, рече Иванов.
Само со заземање на заслуженото место во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската унија, македонските политички елити ќе ја научат културата на дијалог и компромис, порача претседателот на Македонија./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

