Култура
Ново списание за литература

Друштвото за издвачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави првиот број на новопокренатото списание „Македоника“. Првиот број на списанието содржи петнаесетина текстови кои тематски се поврзани со Македонија
Главен и одговорен уредник на списанието е проф. д-р Науме Радически, а членови се уште проф. д-р Волф Ошлис (македонист од Германија) и Нове Цветаноски.„Македоника“ концепциски и содржински ќе се разликува од другите списанија коишто излегуваат во Република Македонија. Ќе содржи прилози од повеќе области кои ги афирмираат современите македонски културни вредности, македонската културна историја, културно наследство, историја, етнологија, литература, јазик. Ќе донесува трудови со нови сознанија и ќе иницира истражувачки потфати на македонски теми, но и на универзални и цивилизациски теми кои се значајни и за македонскиот културолошки простор. Посебно внимание ќе посветува на објавувањето на текстови на странски автори кои се однесуваат на Македонија, а кои досега се недоволно познати за пошироката, но и за стручната читателска јавност во Македонија. Истовремено ќе поттикнува компетентни странски автори да се осврнуваат на прашања на македонски теми, збогатувајќи ја на тој начин странската библиографија за македонистиката. Всушност, сите прилози на македонска тема, објавувани во МАКЕДОНИКА ќе придонесат за збогатување на своевидниот енциклопедиски мозаик на тема Македонија. Притоа, основните критериуми во одбирот на трудовите и темите ќе бидат научната, методолошката и естетската релевантност, а не импресијата и егзалтацијата. Всушност, текстовите во списанието уште од првиот број имаат меѓународни референтни ознаки.Поради концепциската определност и ориентираност кон странски автори и трудови, најмалку еден член на редакцијата ќе биде странски автор, македонист, балканолог или упатен во одредена област поврзана со Македонија. Тој член ќе се менува на одреден период. Освен тоа, понекогаш, само за еден број на списанието би се одредувал уредник, авторитет во својата област.Списанието ќе излегува четири пати годишно, со ликовно-графичка опрема и подврска што се стандардни за книга.Во првиот број се објавени текстови на Волф Ошлис, Науме Радически, Валентина Миронска Христовска, Бранка Калоѓера, Васил Тоциновски, Петре Бакевски, Нове Цветаноски, Душко Крстевски, извадоци од дела за Македонија на Артур Лундквист, Франц Дофлајн и Далибор Шимпрага, по една песна за Македонија од Сретен Перовиќ („Македонија екумена”) и Монтагју Ломакс („Македонија, 1903”), како и рубриката „Библиографика македоника”. Текстовите во овој број се однесуваат на Наум Охридски како европски дипломат, состојбите со македонскиот идентитет во 19 век, Димитар Миладинов како аниматор на македонската преродба, првата модерна заложничка криза и Македонија во американскиот печат, американските теми во македонската литература, македонските ракописи на Света Гора, записи за Македонија во времето на Првата светска војна, а е објавен и осврт за романот на Артур Лундквист за Александар Македонски.„Излегуваме денес токму како поттикнувачи и како трагачи, во најсигурна форма, пак, како афирматори на подзаборавени или на нови истражувачки и аналитички македонистички сознанија. И не само на сознанија од наша национално-културна или просторна провениенција, туку извонредно отворени и приемливи и за сознанија што доаѓаат однадвор. И тоа од повеќе причини. Најмногу поради секогаш актуелната валидност не само на сопствените знаења за себеси, туку и на валидноста на сликата на другите за нас… Поинакви сме можеле и поинакви треба да бидеме веќе според загрижувачките визии на нашите за нас сега недостижни апологети и антиципатори дури и од не така далечното минато. Не малку е и интересно и значајно како сме видени уште и од многу надворешни свидетели за и уште повеќе со нашите растежи, падови, немоќи и пркосења од минатото, но не помалку и денешни. Затоа и ќе настојуваме да бидат овие страници со посебен респект и отвореност кон нив“, пишува во воведникот главниот и одговорен уредник Науме Радически, по повод појавувањето на „Македоника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на ФИН Проект и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.