Македонија
Пратениците не ја прифатија интерпелацијата на Тодоров
Министерот за здравство, НИкола Тодоров, ќе продолжи да ја извршува функцијата откако, во понеделник нешто пред полноќ, Собранието со 56 гласа „против“ и 29 гласа „за“ не ја прифати интерпелацијата за неговата работа, поднесена од пратениците од опозицијата.
Тие побараа оставка на министерот Тодоров, поради, како што наведоа, несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем и системски пропусти. Според интерпелацијата, Тодоров треба да си даде оставка поради смртта на неколку пациенти во измината година, нереализацијата на низа проекти, како и за заминувањето на околу 700 доктори од Македонија. Пратениците од ВМРО¬-ДПМНЕ сметаа дека интерпелацијата е неоснована и без аргументи, а како аргумент ги посочија инвестициите реконструкција и изградба на здравствени објекти, набавката на современа медицинска опрема, проектите со кои е подобрена здравствената услуга на граѓаните, намалени цени на лекови и вработен е медицински кадар. Во попладневниот дел од расправата Горан Милевски од ЛДП обвини дека со давањето на центрите за дијализа под концесијата е зголемена цената на дијализата и за 10 отсто е зголемена смртноста кај овие пациенти и оти се набавуваат неквалитетни лекови по евтина цена. Министерот Тодоров ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека од намалувањето на лековите се заштедени 33 милиони евра и оти лековите што се набавуваат се од истите производители од кои се набавувани и во минатото. ¬ „Обвинувате без никакви аргументи. Обвинувате за криминали и пари излезени во странство. Нула денари или евра имам на сметка во странство. Обвинувате за криминални тендери и за висината на цената на лекови. Станува збор за драматичен пад на цената на лековите. Досега се заштедени 33 милиони евра како резултат на намалувањето на цените на лековите. Со тоа им се намали приходот на вашите блиски веледрогерии коишто со сите сили се трудат да ме дискредитираат на секој начин“, рече Тодоров. Во претпладневниот дел на седницата, министерот Тодоров осврнувајќи се на спроведените реформи за време на неговиот мандат меѓу другото истакна дека е отворена Државна кардиохиругрија, Детска кардиохирургија, Интервентна кардиологија во повеќе градови.Тодоров се осврна на успешното функционирање на Државната кардиохиругија и детската кардиохирургија, каде што, како што посочи, околу 50 проценти од интервенциите се направени од македонски лекари. Информира, дека до сега се извршени над 160 кардиохируршки интервенции во детската кардиохирургија. Воспоставена е мрежа на интервентна кардиологија во Македонија, достигнат е европскиот стандард. Воведен е „Мој термин“ – централизиран систем, кој содржи вкупно 1.645.378 електронски досиеја, а само од почетокот на 2015 година се креирани 7 милиони упати и 22 милиони рецепти. „Системот функционира“, вели министерот Тодоров, а дека намалувањето на цените на лековите е системска мерка воведена од Владата, а од 1 февруари 2012 година извршени се осум намалувања, со што се опфатени над 4.700 лекови и заштедени се над 33 милиони евра.За поливалентните вакцини, Тодоров рече дека со воведувањето на пет и шествалентните вакцини е намален бројот на боцкања од 13 на 7 во првите две години.„Со проектот „рурален доктор“ опфатени се 1.227 населени места во државата, лоцирани во 72 општини, во кои живеат околу 360 илјади жители. Досега од почнување на функционирање на овој проект се извршени над 150 илјади прегледи. Со руралните аптеки во населени места се покриени до 3.500 жители. Со оваа мерка се опфатени над 130 илјади жители. Со подвижни аптеки се опфатени помали места до 1.000 жители, а досега се доделени шест лиценци, со кои се опфатени 304 населени места“, појасни Тодоров./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

