Македонија
Роднините на загинатите терористи треба да дојдат во Македонија да ги идентификуваат
Министерството за надворешни работи ја известило косовската амбасада во Скопје дека е завршена обдукцијата на телата на деветмината косовски Албанци кои беа убиени во акцијата во Куманово.
Од МНР за Макфакс велат дека телата ќе бидат транспортирани во Косово согласно прописите.Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по добивање на известувањето за идентификацијата на починатите лица при полициската акција во Куманово, го известила Министерството за правда. „Со оглед дека меѓу починатите лица се работи и за странски државјани, според процедурите Министерството за правда известувањето треба да го достави до Министерството за надворешни работи кое е надлежно да стапи во контакт со Амбасадата на Косово во Република Македонија. Амбасадата на Косово во Република Македонија потребно е да достави информации за лицата кои ќе дојдат да ги идентификуваат починатите на лице место и да ги подигнат нивните тела, по што истите ќе бидат соодветно проследени до граничниот премин“ објаснуваат од Обвинителството. Семејствата на припадниците на вооружената група кои беа убиени во судирите во Куманово во средата излегоа на протест пред владата на Косово и побараа Македонија да им ги предаде телата на нивните роднини.Братот на убиениот Мирсад Ндрецај рече дека неговиот брат отишол во Македонија да се бори за правата на Албанците, а не за пари.Според него, нивните браќа ги издал лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во судирите во Куманово меѓу македонската полиција и вооружената гурпа загинаа осум полицајци и десетмина припадници на вооружената група./крај/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

