Култура
Српскиот хор „Мелодија“ гостува на Охридско лето
По повод големиот христијански празник Свети Климент на 51-то издание на фестивалот Охридско лето денска на 8-ми август во катедралната црква „Св. Софија„ со почеток во 21 часот на публиката ќе и’ се претстави српскиот хор „Мелодија“
Настапот на хорот „Мелодија“ под диригентство на Дивна Љубојевиќ, во духот на празникот ќе ја донесе музиката на православието.„По традиција, секоја година на овој голем празник, посветен на патронот на градот Охрид, Свети Климент Охридски, во програмата имаме учество на хор на духовна музика. Особено се радувам што оваа година за првпат на фестивалот ни доаѓа Дивна Љубојевиќ и нејзиниот ансамбл „Мелодија“, репрезент на српското и, воопшто, на православното духовно музичко наследство низ Западна Европа. Посебно ми е драго што, покрај врвната светска кариера што ја гради, Дивна Љубојевиќ и’ е добро позната и на македонската публика и интересот за овој концерт е огромен“, изјави музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова – Неделковска.Дивна Љубојевиќ од својата десетта година учи црковно пеење во манастирот ,,Воведување“ крај Белград, а последнито период предава на семинари низ Европа.„Хорот „Мелодија“ го сочинуваат оние кои на духовната музика и’ посветиле повеќе од слободното време. Нашето доаѓање во Охрид ќе го искористиме да ја запознаеме публиката со музиката на православието, со наследството кое ни го оставиле нашите претци и верувам дека ќе имаме можност да видиме барем дел од убавините на Охрид“, изјави шармантната Дивна Љубојевиќ.. Љубојевиќ со диригирање се занимава повеќе години, прво во пејачкото друштво „Мокрањац“ во Белград, а потоа во Првото белградско пејачко друштво- најстарото во Србија, како негов најмлад диригент. Хорот и Студиото за духовна музика „Мелодија“ ги основала во 1991 година заедно со група истомисленици и оттогаш работи како диригент и солист со овој ансамбл со кој веќе одржале повеќе од 500 концерти.Патронот на хорот е Свети.Роман, познат во христијанската историја како Мелод (Слаткопевец). Од 2001- та година Студио Мелодија, заедно со својот диригент, го претставува српското, а пошироко и православното музичко наследство на концертите и фестивалите на кои настапуваат ширум светот, издавајќи и неколку компакт дискови, кои ќе остават белег и ќе зборуваат за убавините на музиката на православието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.