Култура
„Танец“ ги промовираше своите активности и цеде „Незаборав“
Национална установа, ансамбл за народни игри и песни „Танец“ го промовираше некомерцијалното цеде насловено „Незаборав“.
Национална установа, ансамбл за народни игри и песни „Танец“ го промовираше некомерцијалното цеде насловено „Незаборав“. Сите песни се народни во обработка на Ѓорги Димчевски, а изборот на песните е од м-р Владимир Јаневски и Тимко Чичаковски. Учествуваат осум солисти, машка и женска пејачка група, има осум мешани песни и две инструментални дела.„Ги собравме сите наши сегашни и поранешни колеги за да направиме нешто незаборавно, а тоа е цедето кое го нарековме „Незаборав“. Како истражувач етнокореолог работам повеќе од 20 години, а многу често го истражував и „Танец“. Најважните работи се случувале во 60-те и 70-те години кога „Танец“ плодно работеше во снимање на музичкиот материјал. Во тоа време се издадоа преку 30 плочи кои останаа скриени по витрините или ги купувавме по пазарите, ги носевме од Холандија, Америка и Австралија. За голема среќа колегите ми помогнаа дел од тие материјали да ги најдеме и да направиме една компилација на песни кои се снимени тој период.,“истакна м-р, проф. Владимир Јаневски, претседател на УО на „Танец“.Зоран Џорлев, директорот на „Танец“ го промовираше новото лого на оваа установа со орото „Тешкото“ и ја истакна новата систематизација во која влегуваат ДМБУЦ, ФМУ од Штип отсек етнокореологија, како и ФМУ од Скопје, отсек народни инструменти. „За првпат ќе имаме соработка со МНТ каде еднаш во месецот ќе правиме едукативни концерти, а првиот е закажан за 17 април. Ќе соработуваме и со МОБ каде ќе ни се отстапува салонот, а на 20 април ќе имаме концерт „Земјо македонска“ посветен на 10 години од смртта на Васка Илиева. Со директорката на Македонска филхармонија, Маја Чанаќевиќ се договоривме да аплицираме за заеднички проект односно за заеднички настап на оркестарот и хорот на „Танец“ со Македонската филхармонија. Ќе имаме копродукции и соработка со повеќе продукции со кои сме во преговори. Предвидени се промоција на концерти за најмладата генерација, концерти на хорот и оркестарот како единки на Скопско лето, Охридско лето, Есенски музички свечености како и нивен настап во Музејот на современа уметност кон крајот на мај и почетокот на јуни. Во рамките на прославата 20 години независна Македонија, ќе имаме концерт во рамките на Битолско лето и затворањето на Илинденски денови на 1 август во Хераклеа. Настап е предвиден и на 11 октомври во Прилеп на 70 годишнината од НОБ,“ истакна директорот на „Танец“, Зоран Џорлев.„Ансамблот „Танец“ е наша најголема гордост и амбасадор во промоцијата на нашите највредни културни, историски и етнографски вредности. Ќе истакнам дека значајна е соработката со останатите институции, бидејќи треба да се даде заеднички придонес за промоција на културните вредности. Нашите функции се менливи, но оние кои работат во институциите, отишле во пензија и дале огромен придонес за развојот на институцијата се нашите најголеми вредност,“ истакна меѓудругото министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. „Танец“ ќе започне со настапи низ помалите градови каде долго време нема настапувано, па на 15 април тоа ќе биде во Македонска Каменица, а на во 16 април Делчево.крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

