Култура
Кировски нов претседател на СМУМ
Виолинистот м-р Љубиша Кировски е избран за нов претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) за следниот мандатен период од четири години
На редовната изборна седница на Собранието на СМУМ е избрано новото раководство на Сојузот. Членови на Управниот одбор станаа Марија Вршкова, Весна Гиновска-Илкова, Катерина Гелебешева-Костадиновска, Никола Паскалов, Тодор Светиев и Васил Атанасов. За Претседател на Собранието на СМУМ е избран м-р Валери Стефановски.По повод изборот на функцијата, Љубиша Кировски до медиумите испрати изјава со следнава содржина:„Како претседател на СМУМ, ќе се залагам да се врати интегритетот и достоинството на македонските уметници. Заедно со членовите на Управниот одбор ќе го издигнеме СМУМ на многу повисоко ниво и ќе се залагаме за оформување на концертна агенција во рамките на СМУМ, која е од интегрално значење за сите нас. Ќе инсистирам за поголема вклученост на нашите членови во сите институции, како членови на Управните одбори на Македонската филхармонија и Опера, на фестивалот ’Охридско лето’ како и во сите комисии за доделување на државните награди и признанија“.Како што се напоменува меѓу другото во писмената изјава на Кировски тој смета „.. дека на програмите на Македонската филхармонија македонските солисти се застапени со многу мал број концери на годишно ниво и ќе побараме конечно да се направи национална програма според која половина од концертите ќе бидат со македонски солисти. Исто така на нашиот најголем фестивал ’Охридско лето“ ќе го очекуваме истото, односно ќе побараме одреден број концерти со наши солисти“.Според Кировски едно од многу важните прашања кои ги засегаат македонсктие уметниците е валоризацијата на нашиот труд. „За жал, досега бевме ставени на маргините со жално ниски хонорари, а сведоци сме на енормно високи хонорари и огромно одлевање на средства за странските уметници“ се вели во изјавата во којашто новиот директор на сојузот на музичари најавува враќање на достоинството на македонските музичари.Виолинистот Љубиша Кировски дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје, бил концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Сега е вонреден професор на ФМУ во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба „Стопен град“ на Игор Сековски во Чифте амам
Изложба со наслов „Стопен град“ на Игор Сековски ќе биде отворена на 14 ноември 2025 (петок) во Националната галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот.
Со проектот Стопен град, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам. По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост.
Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината.
Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом.
Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми и нивните сенковни проекции, создава впечаток на урбана фрагментација и климатска халуцинација – град во состојба на распаѓање, кој истовремено го задржува сеќавањето на сопствената стабилност.
„Стопен град“ ја претвора уметноста во лабораторија на топлината и кревкоста, прикажувајќи го топењето како физички и емоционален процес. Концептот на „урбана топлинска имагинација“ го реосмислува градот како динамичен екосистем што постојано се менува под влијание на климатските сили. Проектот не прикажува крај, туку трансформација – град што се претопува, но не исчезнува. Така, Сековски го поканува гледачот да ја замисли иднината на урбаното пред да се стопи реалноста што ја познаваме.
д-р Ана Франговска
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември 2025.
Култура
Концерт „Впечатоци од Шпанија“ на „Есенски музички свеченостин“
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје соопшти дека последниот концерт на овогодишните „Есенски музички свечености“ насловен „Впечатоци од Шпанија“ ќе се одржи на 14.11.2025г. (петок) со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар). Ќе настапат Миреиа Пинто – мецосопран и Владислав Броневецки – пијано, од Шпанија.
Миреиа Пинто (родена во Манреса , Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид. Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра како Л. Мазел, Г. Дудамел, П. Мааг, Р. Бонинџ, Х. Рилинг, П. Гудвин, Е. Ериксон, А. Зеда, Ж. К. Малгоир, О. Дантони, М. Армилијато, Р. Фрица, С. Мелки, М. Бенини, Ф. Хајдер, М. Мариоти, Ф. П. Декер, Б. де Били, Д. Јуровски, С. Фуџиока, С. Вајгле, Ј. Трауб, А. Анисимов, Г. Носеда, М. Гвидарини, А. Алеманди, Р. Толомели и многу други. Учествува на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри. Во однос на Лидер концертите, од 1992 година таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси (вклучувајќи ги и престижните концертни сали како „Гран Театре дел Лисеу“ – Барселона, „Рахманинов Хол“ – Москва, „Хамариќју Асахи Хол“ – Токио и многу други).
Тие изведуваат широк репертоар што опфаќа германски лид, француска мелодија, англиски песни, руски романси, италијански, шпански и каталонски песни. Има снимено опери како „Sly“ од Волф-Ферари (со Хосе Карерас), „Il Viaggio a Reims“ од Росини, „Die Walküre“ од Вагнер и „Babel 46“ од Монсалваж (во Операта Лисеу – Барселона). Исто така има издадено и CD „One Life to Live“, заедно со Манел Камп (пијано), со дела од К. Вајл и Гершвин, како и CD „Pushkin in Music“, со Владислав Броневецки (пијано). Таа е професор по соло пеење на Високата школа за музика на Каталонија (ESMuC – Шпанија), вокален советник и професор по пеење на Меѓународната оперска академија (IOA – Гент, Белгија), како и на бројни мастеркурсови во различни земји. Во 2011 година е наградена од Òmnium Cultural со „Наградата за култура Бажес“, а во мај 2017 година ја добива и „Наградата за култура Regió 7“. Таа е Амбасадор на Манреса за 2022 година. Сите овие признанија се за нејзината уметничка кариера и нејзиниот значаен културен придонес кон земјата преку фестивалот на класична музика кој го основала и го организира од 1995 година.
Владислав Броневецки, пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.
Влезот е слободен.
Култура
Денес почнува европската турнеја на Националниот џез-оркестар
Националниот џез-оркестар денес заминува на европска турнеја со наслов Macedonian Dreams, која ќе се одржи од 12 до 17 ноември 2025 година и ќе ги опфати градовите Будимпешта, Прага и Виена.
Турнејата ќе почне на 12 ноември во Будимпешта, во престижната ELTE Aula Magna Hall, ќе продолжи на 14 ноември во Прага, во La Fabrika, и ќе заврши на 17 ноември во Виена, во реномираниот џез-клуб Porgy&Bess – еден од најпрестижните џез-клубови во Европа, домаќин на врвни светски џез-музичари.
Macedonian Dreams („Македонски сновиденија“) е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна, која Националниот џез-оркестар со гордост ја носи на европските сцени претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
Диригент е маестро Владимир Николов.
Турнејата Macedonian Dreams претставува значаен чекор во афирмацијата на македонската џез-сцена и во промоцијата на богатството и убавината на нашата културна традиција на европските сцени.

