Култура
Колонијата „Папрадишки мајстори“ започнува вечерва

Сликарско-копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“ започнува во среда вечер и ќе трае до 13 август
Колонијата годинава од село Папрадиште се сели во Велес во спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Касапови кои беа целосно реновирани пред неколку години.На оваа сликарско-копаничарска колонија која се одржува шеста година по ред ќе учествуваат 12 сликари и копаничари од Македонија, Романија, Словенија, Србија и Бугарија.„Оваа е единствена колонија што се одржува на територијата на Велес во организација на Општината. Делата што домашните и странски копаничари, сликари и скулптори ги создаваат ги оставаат на општината, но тоа не е крајната цел. Целта пред сé е промоција на Велес како културно место со традиција и вредности. Важно е што најголемиот градител Андреа Дамјанов кој со неговата тајфа градел не само во Велес туку и Балканот потекнува од Папрадиште. Првиот сликар и последниот зограф Димитар Андонов Папрадишки потекнуваат токму од таму, исто како и прочуеното семејство Зографски. Карактеристично за нив е што со нивните дела биле познати и на Балканот, затоа и „Папрадишки мајстори“ има меѓународен карактер. Уметниците доаѓаат со задоволство, а некои од нив се секоја година присутни. Уметникот Драган Периќ од Ниш дури и на своето презиме го додаде Папрадишки бидејќи најголемата инспирација ја добива од тоа село. За првпат годинава колонијата ќе се одржи во градот во спомен куќите Касапови која уште е позната и под името куќа што лебди бидејќи се наоѓа на карпа и е без темели и куќата на Јордан Хаџи Константинов -Џинот. Тие се целосно опремени за потребите на уметниците, а предноста е што и другите сликари од Велес ќе имаат можност да бидат дел од оваа колонија, “ изјави за „Макфакс“ Катица Чадиева, од одделението за култура при Општина Велес.Освен локацијата преместен е и датумот на одржување на оваа колонија, па наместо за прославата на Петровден во Папрадиште на 12 јули, уметниците ќе бидат присутни на одбележувањето на празникот на градот Св.Пантејлемон 9 август. Делата кои уметниците ќе и ги подарат на Општината ќе бидат изложени на ликовна изложба на 9 ноември по повод Денот на ослободувањето на Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
75 години ДФРМ: од 3 септември филмска ревија со македонски филмови во Кинотеката

По јулските проекции, филмската ревија во Кинотека во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори.
На 3 септември програмата ќе биде отворена со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
4 септември: „Денес треба нешто да се случи“ (1978); „Ругање со Христос“ (2018)
5 септември: „Северен пол“ (2012); „Соба со пијано“
10 септември: „Види ја ти неа“ (2017); „Домаќинство за почетници“ (2023)
12 септември: „Вирово“ (1968) документарен филм; „Сестри“ (2021)
-Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.
Култура
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ – ликовна изложба во Галеријата Метаоја во Скопје

Вечерва, со почеток во 19 часот, во галеријата „Метаоја“ во Скопје, ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на неа учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа цел само да создадат ликовни дела што ќе го збогатат творештвото на арт-брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики што ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност, покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста што се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена сè до 10 септември.
Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.