Македонија
Изменет режимот на сообраќај на клучките кај Петровец и Катланово

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Oд ЈП за државни патишта, информираа за новиот режим на сообраќај кој од понеделникот се применува на клучките Петровец и Катланово.
Клучка Петровец:
Исклучувањето и приклучување на автопатот А4 кон и од Петровец, на патниот правец Скопје – Велес, ќе се врши пред наплатна станица Петровец.
Исклучувањето и приклучувањето на автопатот А4 кон и од Петровец, на патниот правец Велес – Скопје, ќе се врши после наплатна станица Петровец.
Клучка Катланово:
Исклучувањето од автопатот А1 кон Катланово, на патниот правец Скопје – Велес, ќе се врши по постоечкиот крак за исклучување. Приклучувањето на автопатот А1 од Катланово кон Велес се забранува, односно се затвара кракот за приклучување на автопатот А1, во правец кон Велес.
Исклучувањето од автопатот А1, од Велес кон Катланово, на патниот правец Велес – Скопје, се забранува, односно се затвара кракот за Катланово. Приклучувањето кон автопатот А1, од Катланово кон Скопје, ќе се врши по постоечкиот крак за приклучување.
Поради појава на свлечиште на патниот правец А3 Прилеп – Ресен, на обиколницата на Битола, сообраќајот е сеуште во прекин. Возилата се пренасочуваат низ градот Битола.крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
1.570 сообраќајни прекршоци минатиот викенд, 758 за брзо возење

Изминатиов викенд полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи, постапувајќи во делот на контролите на сообраќајот на патиштата низ земјава вкупно издадоа 1570 платни налози за сторени сообраќајни прекршоци повеќето по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, извести МВР.
Притоа, заради непрописно паркирање издадени биле 216 платни налози, за возење со брзина поголема од дозволената 758 санкции, а пак по основ на непоседување возачка дозвола 141 лице било отстрането од сообраќајот.
Исто така, евидентирани се 62 прекршоци за неносење сигурносен појас, изречени се 31 санкција за возачите на мотоцикл за управување без заштитна кацига, 27 мерки се изречени за користење на мобилен телефон при возење, а осум санкции за возачи кои минале на црвено светло, додека пак 61 возач е отстранет од сообраќај заради недозволено количество алкохол во крвта.
По основ пак на Законот за возила во посочениот период од сообраќај се исклучени 39 возила од кои 11 поради техничка неисправност, а 28 заради тоа што биле нерегистрирани, соопшти МВР и додава дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Двајца браќа обвинети за убиство и за обид за убиство на подмолен начин

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен акт против две лица, кои како соизвршители се товарат дека сториле едно кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 1 и уште едно кривично дело убиство во обид предвиден со член 19 од Кривичниот законик.
Во текот на истрагата обезбедени се докази, кои потврдуваат дека на 1.11.2024 година во Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла и на подмолен начин лишиле од живот едно лице и се обиделе да лишат од живот уште едно. Со двајцата оштетени, татко и син, обвинетите се договориле да се најдат и да разговараат за наводен долг од 7.000 евра. Со автомобил пристигнале на договорената локација, но по краток разговор, едниот од обвинетите извадил огнено оружје пиштол и почнал да пука кон жртвите. Од нанесените огнострелни повреди оштетениот татко починал, а синот добил тешки телесни поврeди.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети бидејќи сè уште постојат законските основи за најстрога мерка за обезбедување.
Македонија
Филипче ја следи политиката на Заев, кој со една раката на срцето се колнеше во македонската жичка, а со другата ја распродаваше, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Венко Филипче се гордее со неговиот претходник, Зоран Заев и учи од него. Тој призна дека не сака да се одвои од неговата сенка и дека и народот треба да учи од неговото искуство и политики спроведени во минатото, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Неговите политики спроведени во минатото од Заев, покрај криминал и корупција се предавството на националните интереси. Зоран Заев е човек кој со едната рака на срце се колнеше во македонската жица и тврдеше дека си ја сака земјата, додека со другата ја распродаваше. Откако со Бугарија влезе во процес на преговори и без око да му трепне, Заев прифати се што Бугарите од него побараа. Сега, таа попустлива политика на Зоран Заев спрема Бугарија, до најмал милиметар ја следи и неговиот наследник во СДС, Венко Филипче. Наместо државничка политика за заштита на националните интереси, Филипче инсистира на попустлива и политика на предавство на националните интереси“, според партијата на власт.
Од оваа партија оценуваат дека политиката на Филипче и СДС е предавничка.
„Пред некој ден потврди и Бујар Османи, кој призна дека со дозвола на СДС, со Бугарија преговарал за етнички прашања.
Со вакви погубни и предавнички политики и послушнички и поданички однос кон Заев, не е ни чудно што на последните анкети на јавното мислење, половина од граѓаните Филипче не го препознаваат за лидер на опозицијата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со неговите потези, како што велат, Филипче само потврдува дека СДС продолжува да биде синоним за неспособност, криминал и предавства.