Култура
Изложба на македонските икони во Утрехт

Во вторникот министерката за култура Канческа-Милевска нејзиниот холандски домаќин во Зијлтра, во градот Утрехт, во катедралата посветена на света Катарина од Александрија во присуство на над 500 гости свечено ја отворија изложбата „Ненадмината убавина – икони од Македонија“
Во своето обраќање по повод отворањето на изложбата министерката Елизабета Канческа-Милевска истакнала дека холандската јавност во следните три месеца ќе има ретка можност да се запознае со извонредното културно богатство на Македонија, од 4000-та година пред Христос до крајот на 19-от век, меѓу кои се експонатите како златна маска од 5 век пр.н.е, уникатната збирка од ранохристијански теракотни релјефи, иконите од 11-от век кои се врвот на византиската култура и многу други вредни артефакти.За холандскиот министер Халбер Зијлтра реализацијата на оваа изложба е еден од најблескавите успеси на музејот „Катаријнеконвент“.Истакнувајќи го големото значење на изложените дела, Зијлтра нивната вредност ја споредува со вредноста на комплетната колекција на слики од Ван Гог. Притоа тој нагласува дека оваа зиложба претставува несекојдневна можност посетителите да се запознаат со македонското културно наследство, но и поттик за интензивирање на врските меѓу двете земји, не само на културен. туку и на економски и туристички план. Во обраќањето македонскиот амбасадор во Кралството Холандија, Никола Димитров, ги нагласил одличните релации меѓу двете земји, како и тоа дека културата е најдобриот начин да се биде забележан, а поставувањето на изложбата и го овозможува токму тоа на Република Македонија. Пред изложбата министрите Канческа-Милевска и Зијлтра, ги споделиле впечатоците за Република Македонија како земја со големо културно наследство. Притоа од министерот Зијлтра, била пзодравена одлуката на македонската Влада, изложба од ваков голем обем и со огромна вредност, првпат да биде претставена и тоа токму во Холандија. Во рамките на свеченоста по повод отворањето на изложбата свој настап имаа и македонските амбасадори на културата – Влатко Стефановски и етносоставот „Синтезис“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.