Култура
Изложба на Биљана Кајевиќ во Прилеп
Во петок навечер во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, беше отворена изложба на слики и цртежи од уметницата Биљана Кајевиќ од Скопје која прилепската публика ќе има можност да ја погледне следните десетина дена
Ова е прва самостојна изложба на Кајевиќ во Прилеп каде ќе се претстави со дваесетина вои дела работени во изминатиот период.„Досегашното творештво на Биљана Кајевиќ претставува едно посветено негување на сопственото сликарско истражување, еден тивок и камерен опус, творечки созреван далеку од очите на јавноста. Се работи за смирен интимистички темперамент, деликатно третирање на цртежот, сигурна цртачка арматура – трпелива преплетеност; една органска сконцентрираност од детални и комплексни ликовни проблеми, со коишто таа си ги гради своите слики и објекти. Нејзиното творештво е посветен простор во однос на евокативното, во однос на емотивното и духовното спознание, коешто во овој пример, во основа, се приближува до поетското. Иако во својата уметност авторката е ’фокусирана’ на фигуративно сликарство, со својата занаетска умешност и природа, авторката не робува на реалитетот и на вулгарната дескрипција. Нејзините сликарски претстави се дотерани, но не и патетично измазнети“, вели меѓу другото за оваа изложба на Кајевиќ, ликовниот критичар Дејан Буѓевац.Откако во 1994 г. дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професор Рубенс Корубин. Кајевиќ од 1995 до 1997 г. работи на дизајн на поштенски марки и разгледници за одделот за филателија при Пошти на Македонија (Марката од серијата Олимписки игри во Атланта се најде во најтесниот избор на 14 марки од 60 земји во светот за наградата Олимпија во организација на МОК и Меѓународната федерација на олимписката филателија). Од 1998 г. работи илустрации за едукативна детска книга за животни по нарачка на дизајн студиото при „Огласник М“ кога учествува со дел од илустрациите на Меѓународниот саем на детска книга во Болоња, Италија 2006. Од 1999 до 2001 г. работи дизајн нарачки за продукцијата „Трето уво“ продукција, а од 2001 до 2008 г. работи на илустрации, дизајн на логоа, корпоративен дизајн, дизајн на промотивни и музички CD- а, внатрешен дизајн на ентериери и др. за различни нарачатели. Во меѓувреме се Биљана Кајевиќ се занимава со фотографија (дигитална фотографија и компјутерска манипулација), работи на претставување на избрани работи од областа на дигиталната фотогрфија во грчкиот часопис за уметност и дизајн Project Amoeba Mag. Од 2009 г. работи како дел од тимот за внатрешно уредување на Музејот на македонска борба. Кајевиќ е автор на идејно–ликовно решение за централниот витраж на куполата на Музејот на македонска борба.Претходно Кајевиќ самостојно изложуваше минатата година во Уметничка галерија „Безистен“ во Штип, своите илустрации ги изложи во Кинотека на Македонија во Скопје и се претстави пред кавадаречката публика во Дом на култура „Иван Мазов –Климе“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасковски
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасковски.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасковски почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!“, наведуваат од Драмски театар.
Манасковски е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.

