Македонија
САД/ЕУ: Во моментот нема услови за одржување на предвремени избори на 24-ти април
САД и Европската унија (ЕУ) сметаат дека во моментов не постојат услови за одржување на предвремени парламентарни избори на 24-ти април, изјави во неделата американскиот амбасадор Џес Бејли, соопштувајќи ја долгоочекуваната проценка на меѓународната заедница во однос на тоа дали останува датумот утврден со Пржинскиот договор.
Бејли додаде дека сега одлуката околу одржувањето на изборите останува на Собранието на Република Македонија, а како следен можен датум за одржување на изборите, дел од лидерите на политичките партии го посочиле 5-ти јуни.
Американскиот амбасадор додаде дека САД и ЕУ ги охрабруваат сите партии и институции да создадат неопходни услови за одржување на избори, потенцирајќи дека политичките лидерии имаат и должност да ја вратат земјата на евроатланскиот пат и да ги исполнат итните реформски приоритети.
Во извештајот на меѓународната заедница е нотирано дека „резултатите од работата на Државната изборна комисија во однос на прочистувањето на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за кредибили избори на 24-ти април, потоа дека се уште не е постигнат договор за реформи во медиумите и дека постои загриженост поради притисоци и закани врз гласачите и други лица“.
Проценката која што минатиот месец беше најавена од страна на Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав се однесува на три клучни области од Пржинскиот договор, а тоа се прочистувањето на избирачкиот список, медиумските реформи и одвојувањето на партиите од државата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Форнавре: Односите меѓу Шведска и Северна Македонија се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Шведска – Северна Македонија на шведскиот Риксдаг, предводена од претседателката на Групата, Лота Џонсон Форнарве.
На средбата присуствуваше шведскиот амбасадор во нашата земја, Ола Солстром, како и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Дафина Стојаноска.
Претседателот Гаши ја истакна долгогодишната поддршка и пријателство на Кралството Шведска кон нашата земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете држави се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување.
Посебно беше изразено задоволство од формирањето на Групата за пријателство со Северна Македонија во шведскиот Риксдаг, што претставува важен чекор кон унапредување на парламентарната соработка.
Пратеничката Дафина Стојаноска упати благодарност за континуираната шведска поддршка за стратешката цел на нашата земја – полноправно членство во Европската Унија.
Се разговараше за остварување проекти во следниот период во повеќе области – земјоделство, бизнис, родова еднаквост, што ќе значи континуитет на поддршка и пријателство.
Присутните соговорници се согласија дека интензивната меѓусебна комуникација и размената на искуства придонесуваат кон приближување на државите и народите на Шведска и Северна Македонија.
Македонија
Даме Димитровски нов претседател на Советот на Град Скопје
Даме Димитровски е избран за нов претседател на Советот на Град Скопје. Тој кажа дека Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност.
„Денеска, на конститутивната седница на Советот на Град Скопје, сум избран за претседател на Советот. Благодарност до советниците за довербата и до скопјани за поддршката. Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност. Ќе бидеме активен чувар на јавниот интерес и ќе работиме доследно на спроведување на темелните политики: чист град, функционален јавен превоз, безбеден сообраќај, повеќе зеленило и современи јавни услуги“, рече Димитровски.
Македонија
Директорите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Агенцијата за национална безбедност потпишаа Меморандум за соработка
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување директорот, Никола Мемов и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски потпишаа Меморандум за соработка.
„Сакам да ја поздравам иницијативата на директорот на Агенцијата, Христовски за потпишувањето на Меморандумот, затоа што ќе придонесе во олеснувањето на комуникацијата и соработката помеѓу нашите институции и во таа насока е многу оправдана“, оцени директорот на Фондот, Мемов.
Сметам дека, додаде тој, остварувањето на надлежностите на Агенцијата е од големо значење за безбедноста и иднината на нашата држава и во таа насока соработката на сите нивоа е неопходност.
„За Агенцијата потпишувањето на Меморандумот е од исклучително значење, бидејќи нашата работа подразбира создавање на информација, што значи потреба од собирање на податоци од најразлични извори“, рече Христовски.
Тој додаде дека овој вид на податоци им помагаат во подобрувањето на работата на Агенцијата и остварувањето на нивната задача.
Со Меморандумот се уредува начинот на соработка помеѓу двете институции, како и размената и заштитата на податоците кои се потребни за спроведување на законските надлежности од делокругот на работата на Агенцијата. Во фокусот ќе биде размена на три сета на податоци со кои располага Фондот, преку авторизиран пристап и максимална безбедносна заштита на истите.
Мемов и Христовски се согласија дека соработката помеѓу инсититуциите е од исклучително значење за безбедноста на државата и оневозможување на било какви закани.

