Македонија
Обвинителството да се изјасни за прислушувањето за еден месец
Граѓаниските организации од Платформата за борба против корупција, во среда, повикаа објавените снимки од наводно прислушувани разговори да бидат предмет на истрага, поради постоење на основи за сомневање за незаконско прислушување, а со цел утврдување кој ги снимал разговорите и ја нарушил приватноста на граѓаните.
„Бараме содржината на снимките да биде посебно и внимателно испитана, затоа што разговорите укажуваат на можни незаконски активности. Без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира постоење на корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба, што се казниви дејствија за кои се гони по службена должност“, велат од Граѓанските организации.
Очекуваат Јавното обвинителство веднаш да покрене постапки за гонење непознати лица за неовластено и незаконито прислушување и да отвори постапки за сите наводни злоупотреби, незаконито постапување, корупција и нарушување на човекови права кои се наведуваат во објавените снимки.
Јавното обвинителство, според нив, треба да поведе постапка за утврдување дали ресурси на МВР биле употребени за незаконито прислушкување и за резултатите од истрагата да ја извести јавноста.
„Обвинителството веднаш да покрене постапка за гонење на непознати лица за неовластено и незаконско прислушување и да отвори постапка за сите наводни злоупотреби, незаконски постапувања, корупција и нарушување на човековите права кои се наведуваат во објавените снимени разговори, а посебно да ги испита индициите од снимките дека МВР се ставило во функција на спречување на политичко делување во време на избори, оти постоело прекршување на избирачкото право, незаконски се издавале лични карти, ресурси на МВР биле употребени како партиски штаб, имало манипулација со социјалната помош и бенефиции, УЈП селективно постапувала приконтрола и казнување, а постоеле и притисоци и закани за губење на работното место за вработени во јавната администрација“, рече Мишо Поповиќ од Цивилис.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата очекуваат да се произнесе по случаите и да ги преземе сите мерки во рамките на нејзините надлежности.
Судскиот совет, според Платформата за борба против корупција, треба да поведе постапка за несовесно и незаконито постапување на судиите за кои постојат индиции дека постапувале под влијание на носители на функции.
Од Плаформата за борба против корупцијата истакнаа и дека доколку повиканите институции не ја известат јавноста дека преземаат мерки за да ги истражат наводите во наредните 30 дена, ќе сметаат дека не постапуваат по својата службена должност.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 година од 15 граѓански организации: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

