Култура
Премиера на „Геноцид 21“ од Љубиша Георгиевски
Новиот текст „Геноцид 21“ на Љубиша Георгиевски на 20 април премиерно ќе биде поставен на сцената на Драмски театар во Скопје.
Новиот текст „Геноцид 21“ на Љубиша Георгиевски на 20 април премиерно ќе биде поставен на сцената на Драмски театар во Скопје.Годишната програма на Драмски театар за 2011 година во целост е составена од дела на домашни автори. По „Олово на перница“ од Венко Андоновски и „Крвта не е вода“ на Сашо Кокаланов, ќе се одржи премиерата на „Геноцид 21“ од Љубиша Георгиевски.„Во текот на целата година Драмски театар ќе ги промовира националните драми и во својот репертоар ќе апсолвира се што е најдобро и со тоа ќе ги мотивира македонските автори што повеќе да пишуваат и да создаваат национално драмско богатство“ – нагласи Бранко Ѓорчев, директор на Драмски театар.До крајот на годината на сцената на Драмски ќе бидат поставени римејкот на „Грев или шприцер“ од Сашко Насев, кабаре со текстови од домашни автори и уште еден текст на Венко Андоновски со наслов „Глембаевци“.Претставата „Геноцид 21“ по текст на Љубиша Георгиевски ја режираше Владлен Александров, гостин од Бугарија и директор на Театарот во Пазарџик. Претходно Александров ја режираше претставата „Жената како воено поле“, исто така во Драмски театар.На денешната прес-конференција за новата премиера на Драмски театар присуствуваа режисерот Владлен Александров и актерите Јелена Жугиќ и Рубенс Муратовски.Како најава на претстојната премиера Љубиша Георгиевски со една реченица ги открива мотивите за пишувањето на текстот.„Пиесава ја посветувам на македонските мајки, кои раѓале по едно чедо повеќе отколку што крвниците можеле да потоморат“ – напиша Георгиевски.Покрај благодарноста за заемната соработка со Драмски театар, режисерот Александров го изнесе своето видување за текстот на претставата „Геноцид 21“.„Тоа е текст за мажот, за жената, за војната, за мирот, за лагата, за вистината, за злосторството, за казната, за мечтата, за убиството на една мечта, за тоа како може да се издржи насилието и навредите, за минатото и за бескрајот. Текстот зборува за важни теми од македонската историја. Нашата задача беше да направиме театар од сето тоа“ – изјави Владлен Александров.Љубиша Георгиевски е од оние интелектуалци кои имаат енциклопедиски знаења за светот и за театарот и поради тоа лесно ја употребува митологијата во своите текстови, нагласи Александров. Текстот зборува за падот на Троја, за Хекуба, кралицата на Троја, и Агамемнон, кралот на Елините кои ја покориле Троја, за понижувањето на Хекуба од страна на Агамемнон. Текстот зборува за цивилизацискиот геноцид што се случил тогаш, и кој се повторува во повеќе историски моменти на човековото опстојување.Актерската екипа ја сочинуваат Јелена Жугиќ, како Хекуба, Рубенс Муратовски, како Агамемнон, и Роберт Вељановски, како Еврипид. Станува збор за камерна претстава што се игра на голема сцена.„Една од главните теми во претставата е покајанието. Жената во претставата постојано инсистира мажот да се покае. Темата го анализира односот меѓу жртвата и крвникот, како жртвата станува крвник и како крвникот станува жртва. Тоа е аутопсија на еден злостор, односно геноцид на Елините извршен врз Троја. Меѓутоа во текстот има една теза која вели дека најголемата казна која може крвникот да ја доживее е заборавот. Значи, ако никој повеќе не се сеќава на злосторот што го прави крвникот, тогаш никој нема да може да се покае, и тогаш крвниците цел живот ќе бидат заробени од својот злостор“ – објасни Јелена Жугиќ.Претставата е направена во форма на дуо-драма. Режисерот Александров во текот на пробите успеал да ги нивелира сите бесови, агресии и страдања низ кои актерите минувале при подготовката на претставата.„Претставата се занимава и со сериозни политички теми. Во ова време – невреме, во овој свет – несвет, во овој бордел, јагнето е крвник оти им ја труе водата на кутрите, мирољубиви и од никого неразбрани волци, и затоа волкот по природа е демократ и има право да јаде јагниња без оглед на нивната боја на кожа, пол, нација, име…“ – потенцираше Жугиќ.Актерот Рубенс Муратовски во претставата толкува лик со чии ставови не се согласува, но токму во тој факт го препознал предизвикот во креирањето на улогата. Голема помош во тоа добил од режисерот, партнерката на сцената и од театарот.Премиерата на „Геноцид 21“ ќе се одржи на 20 април со почеток во 20 часот, на големата сцена на Драмски театар./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



