Македонија
Шести семинар и натпревар за роботика RoboMac 2015
Шестиот семинар и натпревар за роботика RoboMac 2015 година почнува во вторник во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
Финалето на RoboMac 2015 година ќе се одржи на 13 јуни во Македонската опера и балет (МОБ) во 18 часот. Во МОБ ќе бидат прогласени победниците во категориите: Сумо (два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот), Роботска рака (да се истакнат прецизноста, брзината и стабилноста на роботската рака која ги симулира движењата на човековата рака), Хуманоид (се оценува комплексноста на изведената точка), Трка (роботи кои следат линија ќе се тркаат на патека), Right Target (роботите поминуваат по одредена шема пребарувајќи го точниот распоред на балони кои треба да ги дупнат по однапред зададен редослед), AI and PI (интелигентни агенти, програмирани на платформа Raspberry PI, ќе се натпреваруваат меѓу себе во логичкa игрa).
Манифестацијата RoboMac 2015 година се одржува со цел да се популаризира роботиката меѓу студентите од Македонија и во Европа. RoboMac овоможува практична работа на студентите во областа на роботиката, размена на знаења и искуства и приближување на роботиката меѓу средношколската популација.
Учесниците на семинарот ќе присуствуваат на предавања и во мешани тимови, ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Детали за кражбата на кабли во која е вмешан и полицаец: Направиле штета од 160.000 евра, а поради пожар граѓаните останале без струја
Основното јавно обвинителство Скопје објави детали за кражбата на кабли во кругот на фабриката „Железара“ во која е вмешан и полицаец.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред 10-тина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Претходно од МВР соопштија дека на полицаецот му е определен 30-дневен притвор. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.
Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.
Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска-Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме. Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.
Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.
Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Заклетвата на младите питомци не е само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност и истрајност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат чувари и гаранти на македонската слобода, сигурност и безбедност. За неа, заклетвата е не само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.
Во своето обраќање, претседателката се осврна на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни.
Сиљановска-Давкова потсети дека униформата е симбол на одговорност и доверба, додавајќи дека да се биде дел од македонската армија е посебна привилегија што обврзува на чесна и посветена служба и порарвен
Според неа, Воената академија е водечка образовна институција од областа на одбраната, а ликот и делото на генерал Михаило Апостолски се симбол на знаење, скромност, храброст и посветеност, извонредност.
На претседателката и беше врачена плакета во знак на признание за нејзината посветеност во развојот и афирмацијата на Воената академија.

