Македонија
Секторот за компјутерски криминал при МВР награден за најуспешна акција

Секторот за компјутерски криминалитет и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи е добитник на првата награда за најуспешно реализирана акција за разбивање меѓународна криминална група што вршела нелегална терминација на меѓународен во национален телефонски сообраќај.
Наградата е доделена од регионалната организацијата SELEC во која членуваат 12 земји од Југоисточна Европа. Наградата е добиена заедно со истиот сектор од МВР на Србија.Криминалната група, во која имало 10 лица од Република Македонија, во соработка со организираната криминална група од Србија, на почетокот од 2013 година, набавиле и бесправно користеле телекомуникациски уреди за терминација на телефонски повици. Уредите преку интернет мрежата ги поврзале со мрежата на странски мобилни оператори преку SIM картички и остварувале интернационален сообраќај по цена од локален телефонски сообраќај. Со тоа, криминалната група, извршила директна финансиска загуба на оштетените мобилни оператори, стекнувајќи се само од мобилните оператори во Република Македонија со противправна имотна корист од 506.312 евра. Посебно значајна за истрагата и реализацијата на ова дело, беше размената на информации преку SELEC и офицерите за врска од Република Македонија и Република Србија.Инаку, денес во Охрид отпочна со работа дводневната регионална конференција на 12-те земји од Југоисточна Европа-членки на SELEC. Учесниците на конференцијата ќе имаат мултидисциплинарен пристап во размена на искуствата и трендовите од областа на комјутерскиот криминалитет и дигиталната форензика. Учесници покрај претставници на Министерствата за внатрешни работи од земјите членки на SELEC се и претставници на банки, мобилни оператори и други претставници на релевантни институции од земјите членки./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – најнов пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.