Македонија
Јанкулоска: Џихадизмот е сериозна безбедносна закана

Џихадизмот, преку радикалниот екстремизам и тероризмот, претставуваат сериозна безбедносна закана за сите земји од светот, вклучувајќи не и сите нас. Поради тоа, сите ние треба да соработуваме и преку соодветни мерки за навремена превенција и одговор, да ги спречиме можните безбедносни проблеми кои овие групи би ги направиле во нашите земји.
Ова го истакна министерката за внатрешни работиГордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на министерската Конференција што во организација на австриските министерства за внатрешни и надворешни работи се одржува во Виена, а на тема “Справување со џихадизмот заедно – обликување-превенција-реакција“.Во своето излагање во рамки на вториот панел посветен на превенцијата минстерката Јанкулоска посочи дека сирискиот и ирачкиот конфликт мобилизираа доброволци-џихадисти од целиот свет, вклучувајќи ја и Р.Македонија.„Како целни групи се јавуваат млади лица, и притоа мотивот за нивно учество во исламистички паравоени формации е различен. Повеќето од нив заминуваат водени од идејата за воспоставување „калифатска“ држава, а поединци се воени ветерани/платеници чии мотиви се исклучиво од финансиска природа. Голем број странски доброволци потекнуваат од европските земји, а од летото 2012 година регистрирано е учество и на стотина македонски државјани“, рече Јанкулоска.Како што нагласи Јанкулоска, Република Македонија во континуитет ги надградува своите нормативни и институционални капацитети за спречување на можни терористички закани и неутрализирање на последиците од џихадизмот.„Соочувајќи се со опасностите од враќањето на доброволци-џихадисти во земјата, кои се категоризираат како висок безбедносен ризик, Р.Македонија направи исчекор и се вброи во земјите кои го санкционираат учеството на македонски државјани во странска војска, а во таа насока се и најновите измени во Кривичниот законик на Република Македонија, со вметнување на нови членови со кои се санкционира регрутацијата, обуката, агитирањето, логистиката, финансирањето и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата и во странски паравојски и терористички организации. Ова јасно укажува на цврстата определба на Р.Македонија за натамошно активно учество во меѓународната борба против тероризмот“, нагласи Јанкулоска.На министерската Конференција учествуваат министрите за внатрешни и надворешни работи на Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Албанија и земјата домаќин Австрија, кои дебатираа на три панел сесии посветени на обликувањето, превенција и реакцијата по однос на проблемот со џихадизмот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.