Култура
„Човекот што ги сакаше калинките“ – Роман на годината на Утрински
Романот „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник
„Многу сум задоволен, среќен и, всушност, почестен од одлуката на жирито да ми ја додели наградата „’Роман на годината“ на Утрински весник, која ја сметам за врвна книжевна награда во Македонија, транспарентна, сериозна и, на некој начин, европска награда. Награда на која и се верува“, изјави во средата добитникот Душко Родев на објавувањето на наградата во Друштвото на писателите на Македонија.Наградата „Роман на годината“ на дневниот „Утрински весник“ се доделува веќе дванаесет години. Во конкуренција за годинашната награда учествуваа 29 романескни творби. Во најтесниот избор за наградата влегоа романите „Готен“ на Роберт Алаѓозовски, „Вечно сегашно време“ на Владимир Јанковски, „Наспроти ветрот“ на Владимир Попов, „Сè е гола вода мој Ѓорѓија“ на Гоце Ристовски и „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев.Комисијата во состав Томислав Османли, претседател, академик Луан Старова, д-р Соња Стојменска-Елзесер, м-р Жарко Кујунџиски и Манчо Митевски, претставник на „Утрински весник“, во образложението за доделување на наградата на романот на Родев, нагласи:„Годинашниот лауреат „Човекот што ги сакаше калинките„ од Душко Родев е сугестивен историски роман од времето на илинденскиот период, посветен на тревожната автентична приказна на војводата Крсто Асенов, раководител на кукушката чета, и неговата љубов и брак со Ана Малешевска, учителка, и самата борец во четата.Врската меѓу тие два лика, изложена на скриени неодобрувања, завист и интриги од соборците, ќе стане повод за револуционерната осуда и за стрелањето на главниот јунак од припадниците на сопственото движење.Романот на Родев го нијансира житието и ликот на војводата Асенов, доловувајќи ја преку тој психолошки портрет и драмата на илинденското (би се рекло и не само тоа) ослободително движење. Етичките дилеми искажани врз фонот на Илинденската епопеја добиваат созвучја кои лесно можат да бидат препознаени и во нашиот современ свет.Романот на Родев ги продолжува најдобрите традиции на македонската историографска проза и ги реактуелизира пред денешниот читател историските настани, ликови и топоними, на кои им се заканува забот на заборавот.Тој ја поттикнува свеста за потребата од постојано навраќање кон историските премрежја, и тоа од агол од кој може да се согледа и нивната хумана димензија.Со ненаметлив, наместа бележнички и прилично економичен стил, авторот ги преточува длабоките психолошки и емотивни ерупции во стегнато четиво кое ѝ дозволува на приказната, инаку срочена од самиот живот, да ја пренесе својата несомнена енергија врз читателот“ – стои во образложението на комисијата за доделување на наградата на „Утрински весник“.Авторот на романот Душко Родев е роден во Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет, на групата Романска филологија. Бил новинар на „Нова Македонија“, и еден од иницијаторите за формирање на издавачкиот оддел на НИП „Нова Македонија“, каде бил уредник на библиотеката „Свет и време“. Извесен период работел и како уредник на драмската програма во Телевизија Скопје.Досега објавил десетина романи, повеќе кратки раскази, а по негово сценарио е снимен и ТВ-филмот „Дивеч за отстрел“. Романот „Човекот што ги сакаше калинките“ го објави издавачката куќа „Македонска реч“.Доделувањето на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ на лауреатот Душко Родев ќе се одржи на 8 април годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

