Култура
„Широк сокак во бело“ за затворање на Бит фест
Широк сокак на Бит фест со бели маси, бели балони и со бели свеќи на 27 август ќе пулсира со културно-забавен живот.
Обединувајќи се под белата боја, како знак на чистото срце, чистотата на Битола и помирувањето помеѓу повеќе кафе-барови, кои некогаш во својата работа еден на друг си ги попречувале активностите и ноќните журки, Широк сокак на Бит фест на бели маси, бели балони и со бели свеќи на 27 август ќе пулсира со културно-забавен живот.
„Широк сокак во бело“ е манифестацијата која се родила од идејата на локалите Портал2, Симбол, Папаз кафе, Кафе ин, Инстинкт, Игучи, Легенд, Данте, Лектира и пица-ресторан Милениум, а Општина Битола ги поддржала. На крајот на најдолгото и најбогато со содржини културно лето во Македонија на најавтентичната битолска улица Широк сокак ќе настапи и Кирил Џајковски.
Последната вечер на годинашното битолското културно лето ќе започне во 20 часот со модната ревија „Рециклирај се и рециклираното е убаво“. Идејата за проектот произлегла од интернационалниот тренинг – „Let’s play with Socrates“, што се одржал оваа пролет во Ниш, на кој преку „АМОС“ како партнерска организација, учествувале Марио Додовски, Марија Јовановска и Михаела Димовска, како и од еден претходен тренинг „ТО – Gender“ во Белград, каде учествувале млади актери од Битолскиот народен театар.
Целта на проектот е граѓаните да станат посвесни за загадувањето на нашата планета и ограничените ресури кои секојдневно сè повеќе се трошат. Ревијата треба да ги поттикне луѓето да ги рециклираат материјалите и да го редуцираат сметот. Едновремено граѓаните ќе имаат можност да видат нешто ново и неконвенционално, кое истовремено е интересно и корисно.
Ревијата ќе ја организираат Центарот за човекови права „АМОС“ и Прва приватна Гимназија – Битола во соработка со општината.Сите креации се направени од неконвенционални рециклирани материјали – пластика, весници, изолир, пластични ќеси и слично. Креациите се рачно изработени со консултации од експертите Благој Мицевски и Лили Кадинска. Ревијата ќе се одржи на Плоштадот Магнолија.
Во 20.30 во Старата турска куќа „Магаза“ ќе биде отворена изложба на фотографии од сите над 130 настани кои изминатиот период од 68 дена се случуваа во рамките на годинашниот Бит фест.
За музичкиот дел на Широк Сокак во 21 часот ќе се погрижи диџеј Бобан, а во 22 часот диџеј Ацика. Настапот на специјалниот гостин, Кирил Џајковски, на Широк сокак, ќе започне во 23 часот./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

