Македонија
Демонстрантите со тенџериња пред домот на Груевски му побараа оставка
Демонстранти под транспарентот „Граѓаните за Македонија“, во среда попладне, уште еднаш со протестен марш му порачаа на премиерот Никола Груевски веднаш да си поднесе оставка.
Активисти, членови на опозицијата, јавни личности, стари и млади, со тапани, тенџериња, тави, со свирежи и транспаренти со ликот на премиерот Груевски два часа направија граѓански бунт преку протестниот марш од Владата до домот на премиерот.Протестот почна во 18 часот пред Владата, а демонстрантите за време на маршот скандираа „Никола оди си“, „Нема правда, нема мир“ и „Оставка“.Пред зградата во која живее премиерот, демонстрантите ги пречекаа кордони од полицајци и припадници на специјалните единици. На импровизирана бина на улицата, пред присутните се обратија активистите Васко Лазаревски, Петрит Сарачини и портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Активистот Лазаревски му порача дека „царот е гол“ и треба веднаш да си замине.„Цел свет слуша за тие политички бомби кои пукаат во Македонија. Сите светски медиуми дознаа дека овде се живее во режим кој забрзано оди кон диктатура. Овде имаме таканаречена Влада која ги узурпира последните неколку избори и на таа сметка е на власт. Сите слушнаа што се случува во Македонија, царот е гол. Тука сме, нека слушне, народот доаѓа по своето“, рече пред присутните активистот Васко Лазаревски.Активистот Петрит Сарачини пак, му порача на премиерот да излезе на некоја од терасите од неговите четири стана за да види како народот трпи за леб.„Излези Николае на терасите од твоите четири стана, да видиш со народот твој што стана. Излези Николае на твојата тераса, да си ја видиш ограбената, понижена, уништена македонска раса. Излези Николае да ги видиш нашите празни трпези, нашите празни тенџериња и тави, да видиш што направи од оваа Македонија. Излези Николае-Ромео со твоите Џулиети, Али Ахмети и Мендух Тачи да видиш дека додека ти наводно даваше субвенции, селата се испразнија, луѓето избегаа во градовите, а сега бегаат и оттаму. Излези да видиш додека ти ги градеше оние споменици, народот трпи за леб“, му порача Сарачини на премиерот.Завршен говор на протестот одржа портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, кој му порача на Груевски дека доволно е премиерот да поднесе оставка за да заврши кризата во Македонија.„Твоите комуњари, индијанци, човечиња, дојдовме да ти кажеме готово е Никола. Овде дојдоа горди граѓани, активисти, социјалдедмократи, Македонци, Албанци, горди граѓани на Република Македонија. Дојдовме овде со чисти тенџериња и тавчиња затоа што ние сме домаќини луѓе. Дојдовме Никола да ти го кажеме она што твоите лигави полтрони не смеат да го изговорат – готово е Никола, заминуваш! Спаси го овој народ, иднината на оваа држава. Денеска поднеси оставка и завршува кризата во Македонија. Дај си бе оставка Никола, па преодна влада нека ги организира изборите, е таму народот ќе ти каже колку навистина те сака. И немој да се силиш со избори. Избори кој што ти ќе ги организираш оваа држава веќе не гледа. Немој да ти забегува умот дека ти ќе бидеш тој кој ќе може да организира избори – твоето завршува! Одбери дали сакаш денеска или на 29-ти, во спротивно остануваш сам со себе и со својата криминална група“, рече портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.Граѓанскиот протест заврши без инциденти. Колоната демонстранти од повторно маршираа назад до Владата, која изминатиов период е збирно место за низа антивладини протести, но и место каде граѓани, членови на опозицијата и активисти веќе 39 денови спијат во импровизираниот Камп на Слободата и бараат оставки од целата власт, но и одговорност за сторените дела кои преку аудио снимките ги обелодени опозицијата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.
* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.
* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.
* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.
За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.

