Култура
Дивна Љубојевиќ и хорот Мелодија на Охридско лето
По повод големиот христијански празник Свети Климент, на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во катедралната црква Св. Софија, на публиката ќе и се претстави српскиот хор „Мелодија“ под диригентство на прекрасната Дивна Љубојевиќ.
По повод големиот христијански празник Свети Климент, на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во катедралната црква Св. Софија со почеток во 21 часот со музиката на православието, на публиката ќе и се претстави српскиот хор „Мелодија“ под диригентство на прекрасната Дивна Љубојевиќ.„По традиција, секоја година на овој голем празник, посветен на патронот на градот, Свети Климент Охридски, во програмата имаме учество на хор на духовна музика. Особено се радувам што оваа година за првпат на фестивалот ни доаѓа Дивна Љубојевиќ и нејзиниот ансамбл „Мелоди“, репрезент на српското и, воопшто, православното, духовно музичко наследство низ Западна Европа. Посебно ми е драго што, покрај врвната светска кариера што ја гради, Дивна Љубојевиќ и е добро позната и на македонската публика и интересот за овој концерт е огромен“, изјави музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова – Неделковска. Дивна Љубојевиќ од својата десетта година учи црковно пеење во манастирот ,,Воведување“, во Белград, а денеска предава на семинари низ Европа. „Хорот Мелодија го сочинуваат оние кои на духовната музика и посветиле повеќе од слободното време.„Нашето доаѓање во Охрид ќе го искористиме да ја запознаеме публиката со музиката на православието, со наследството кое ни го оставиле нашите претци и верувам дека ќе имаме можност да видиме барем дел од убавините на Охрид“, рече Дивна Љубојевиќ. Љубојевиќ со диригирање се занимава повеќе години – прво во пејачкото друштво „Мокрањац“ во Белград, а потоа во Првото Белградско пејачко друштво- најстарото во Србија, како негов најмлад диригент. Хорот и Студиото за духовна музика Мелодија ги основала во 1991 година заедно со група истомисленици и оттогаш работи како диригент и солист со овој ансамбл со кој веќе одржале повеќе од 500 концерти. Патронот на хорот е Св.Роман, познат во христијанската историја како ,,Мелод“, (Слаткопевец). Од 2001- та година Студио Мелодија, заедно со својот диригент, го претставува српското, а пошироко и православното музичко наследство на концертите и фестивалите на кои настапуваат ширум светот, издавајќи и неколку компакт дискови, кои ќе остават белег и ќе зборуваат за убавините на музиката на православието. крај/со/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Триесет години музика и љубов: Фолтин со концерт во Македонската филхармонија
На 22 Ноемвриво салата на Македонска Филхармонија во оваа за нив јубилејна година 30 години постоење ќе настапи групата Фолтин.
Концертот е во организација на МГ Мјузик Продукција.
Билетите се во продажба на мрежата на Karti.com.mk
Групата “Фолтин” е основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот изворен јазик е повеќе уметнички и експериментален, а текстовите се фонетска имитација на неколку природни јазици од медитеранскиот регион, што тие самите го нарекуваат “спонтан есперанто”. “Псевдо-емигрантско кабаре” е нивниот карактеристичен звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Подоцна, со текстовите на македонски јазик, Фолтин отвора ново поглавје, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
Групата има десетина студиски изданија. Потпишува музика на триесетина театарски претстави и неколку филмови (“Плати и жени”, “Со љубов”, “Исцелител”, “Медена земја” и др.)
Фолтин се:
Пеце Николовски – кларинет, каос-пад, усна хармоника
Пеце Трајковски – електронски акордеон, електрична гитара
Гоце Јованоски – бас
Славчо Јовев – тапани
Бранислав Николов – вокал
Култура
(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон
По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.
Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:
„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“
Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.
Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.
Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.
Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.
Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.
Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.
Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:
„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“
Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.
Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.
Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.
Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот Културно информативен центар во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со издавачката куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.

Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.

