Македонија
Груевски: 11-ти Октомври е потсетник за храброста на македонскиот народ
Празнувањето на 11-ти Октомври, Денот на народното востание и оваа година нe навраќа на големата борба со која пред 74 години беше навестен крајот на фашистичкиот период и конечно ослободување на Македонија, а памтењето и празнувањето на ваквите денови служи како потсетник на моментите од историјата во кои кога е најтешко, но и најпотребно, нашиот народ демонстрира неизмерна храброст и истрајност, се вели во честитката на премиерот Никола Груевски по повод 11-ти Октомври, Денот на народното востание.
„Подигнувајќи се против далеку поброен, подобро опремен и посилен противник борците од Народноослободителната војна пожртвувано и несебично решаваат и по цена на своите животи да му застанат на патот на злото. Нивната битка е и порака до нашата и до сите идни генерации. Љубовта кон татковината и чувството на одговорност кое произлегува од можноста да се направи нешто со што би се спречило страдањето на многу луѓе е чекор кој ја заслужува нашата огромна почит. Одзивајќи се на повикот на слободата тие ги изгазиле последните неколку чекори од патот до конечното формирање на македонската држава и триумф над фашизмот. Ваквата одлучност да се застане во одбрана на човештвото, хуманоста и правдата се извор на нашата гордост и почитување“, се вели во честитката на премиерот Груевски.
„Нашата мисија денес е да ја издигнеме Македонија кон нови успеси и да ја донесеме до нови победи, овој пат поинакви, но еднакво делотворни за сите граѓани. Напорите за економски развој и борбата за секое ново-отворено работно место, вложувањата во здравството, во образованието и инвестирањето во квалитетни и повисоки стандарди во македонското образование кои ќе обезбедат посигурна и просперитетнa иднина за нашите млади, инвестициите во инфраструктурата, во изградбата на патишта, железници, како и помошта за македонскиот земјоделец чија работа и труд заслужува вреднување и почит, е нашата борба, но и порака за зачувување на споменот за безбројните јунаци кои се жртвуваа за темелите на она што денес го градат нашите генерации“, вели Груевски во својата честитка.
Македонскиот премиер порачува дека на овој голем ден, најважно е да се потсетиме дека Македонија е многу повеќе од еден правен концепт – таа е идеал во кој се рефлектира човечката желба за слобода и непоколебливата истрајност на патот до среќата и остварување на соништата на луѓето./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.

