Култура
Овации и два биса за Симон Трпчески во Загреб
Во петокот навечер во хрватската престолнина Загреб се случи балканската премиера на Концертот за пијано и оркестар инспириран од македонскиот фолклор што нашиот композитор и музичар Дамир Имери му го посвети на македонскиот виртуоз на пијаното со светско реноме Симон Трпчески.
Со долготрајни овации и две изведби на бис беше одбележан синоќешниот концерт во престижната концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб на Симон Трпчески, кој заедно со Загрепската филхармонија под диригентската палка на маестро Иван Репушиќ, ги изведе Концертот за пијано и оркестар број 2 од Камиј Сен Санс, но и „Фантазијата на две фолклорни теми“ од Дамир Имери. Делото беше изведено и во чест на одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска.
„Ваквата блескава завршница на денот на културното претставување на Македонија во Хрватска (во чии рамки работна средба остварија министерките за култура на Хрватска и на Македонија, Андреа Златар – Виолиќ и Елизабета Канческа – Милевска, а во загрепската Национална и универзитетска библиотека беше претставена и донирана едицијата „130 тома македонска книжевност на англиски јазик“ – з.р.), можеше само да се посака“, изјави Канческа-Милевска:
„Мислам дека дадовме определена важност во презенирањето на македонската култура преку концертот на нашиот, но светски виртуоз Симон Трпчески заедно со Загрепската филхармонија, особено со изведбата на македонското дело од Дамир Имери кој и самиот беше присутен со нас. Мислам дека имавме прекрасна вечер и голема можност за уживање наградено со аплаузи, овации и изведби на бис, што само ја потврди подготвеноста на Симон за сѐ да мине онака како што помина“, дополни министерката за култура на Македонија .
Новата средба со загрепската публика очигледно беше дополнителен предизвик и за „магичниот Трпчески“, како што го најавија неговото гостување хрватските медиуми.
„Атмосферата во Лисински беше многу добра. Концертот одамна беше распродаден и особено ми беше драг овој настап поради изведбата на ‘Фантазијата на две фолк теми’ од Дамир Имери. Многу ми беше мило што се вратив во Загреб, особено откако и минатата година ме примија фантастично“, истакна Трпчески.Балканска премиера во петокот навечер пред преполната „Лисински“доживеа и првиот став од Концертот за пијано и оркестар, што во моменталната варијанта се нарекува „Фантазија на две фолклорни теми“, кој е посвета за Симон Трпчески, од авторот – македонскиот композитор и музичар Дамир Имери, кој уште еднаш со радост ја проследи изведбата на своето дело:
„Вечерва сум пресреќен. Изведбата на Симон беше фантастична. Публиката беше фантастична. Фолклорот што е длабоко содржан во моето дело, луѓето во салата го препознаа и како секој пат претходно, му се одушевуваа директно во нивните срца. Мислам дека беше полн погодок“, рече Имери.
По премиерните изведбите во Ставангер и Загреб, „Фантазијата на две фолклорни теми“, ќе се изведе уште двапати во првата половина од годинава, и тоа на два континента: во Сиетл, САД, и Познањ. Европа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасковски
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасковски.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасковски почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!“, наведуваат од Драмски театар.
Манасковски е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.

