Македонија
Променливо облачно време

Времето во понеделник ќе биде променливо облачно со сончеви периоди.
По одделни котлини и речни долини со појава на слаба магла. Претежно ќе биде тивко, само на повисоките места и на планините ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Максималните температури ќе се движат околу 22 степени Целзиусови. За во вторник се најавени врнежи, а во среда пад на температурите./крај/ухмр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за прислушуваните материјали: Ме следеле мене, но и моите деца, речиси исти луѓе блиски до некоја мината власт, оперираат со системот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 8 Септември – Денот на независноста се осврна и на новиот скандал со прислушкувањето, нагласувајќи дека се следи и прислушкува од 90-тите години и една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот, додавајќи дека со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем.
„Само кусо да се осврнам на една тема од секојдневието која пак има важност за покрупната слика за системот во кој опстојуваме. Тоа е прислушкувањето. Нелегалното, незаконското прислушкување и злоупотреба на системот. Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои во суштина не постојат“, вели тој.
Мицкоски нагласи дека не е прашање дали материјалите ќе се декласифицираат, тука прашање е како да се спречи ваквата злоупотреба и повеќе ова да не се повтори.
„За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми.
А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори“, рече премиерот Мицкоски.
„Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих.
Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол“, истакна Мицкоски.
Македонија
Шест активни пожари во државата, еден е под контрола

Денеска, до 12:00 часот, на територијата на Македонија регистрирани се вкупно девет пожари на отворен простор, од кои активни се шест, под контрола е еден, а изгаснати се два пожари, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Берово: Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (дабова, букова шума и папрат); општина Липково 1: село Никуштак (нискостеблеста деградирана шума и дабова шума); Општина Липково 2: село Оризаре (мешана шума и ниска вегетација); Општина Студеничани: село Варвара (мешана шума и ниска вегетација); Општина Струга: село Ложани (ниска вегетација) и исто така во општина Струга: село Белица (ниска вегетација)
Под контрола е пожарот во општина Гази Баба: Вардариште (каде што гори ѓубриште)
Како што информираше ЦУК изгаснати се два пожари.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Независноста не е само обичен потпис на хартија-таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света македонска земја

Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на Свечената академија по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
„8 Септември не е само симболичен датум, туку момент на историска пресвртница за нашиот народ, за граѓаните, време кога се крена јарболот на независност, еден столетен, пркосен оган од многу борби, откажувања, човечки страдања, херојства, битки и порази, стана реалност“, кажа премиерот Мицкоски.
„Да не ја заборавиме и улогата на историското ВМРО која ја имаше во создавањето на македонската држава. Најживиот период од нашето постоење го имаше организацијата која роди многу македонски синови и ќерки, кои ја обединуваа интелигенцијата и го организираа народот, создавајќи отпор против една од најсилните империи во светот во тој период. Тие букви се впишаа во колективната меморија и ВМРО беше народниот трибун, сопатник на македонскиот пркос и непокор низ вековите. Асномците пак, тие ја имаа визијата и достојно ги чуваа идеалите за кои се бореа илинденците“, рече Мицкоски.
„Јас како претседател на Владата и секој нареден ја има обврската да се поклони пред оние кои зборуваа за независноста, но и оние кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава, кои ги полнеа улиците и го распламтуваа огнот за Македонија во услови и време кога имаше и такви што говореа за федерации, за химни на Југославија, тогаш кога на секому му беше јасно дека таа држава се распаѓа.
Затоа, денес мора да донесеме одлука: да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ја вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом. Но истовремено мора да внесеме и надеж. Владата ова прашање го гледа како прашање на иднината на нацијата и затоа го поставува како еден од највисоките национални приоритети.
Затоа Владата останува посветена да вложува во луѓето, во семејствата, во секое ново дете што ќе се роди. Тоа е суштината на нашата мисија-да обезбедиме татковината да ја има и утре, и задутре и во генерациите што доаѓаат.
Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор-изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца. Независноста, таа не е само обичен потпис на хартија-таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света македонска земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации“, додаде премиерот Христијан Мицкоски.