Култура
Концерт и нов албум од Тоше Проески
Концерт во чест на датумот на раѓање на Тоше Проески ќе се одржи утревечер во салата „Борис Трајковски“. Меморијалниот концерт „Со љубов од Тоше“, има хуманитарен и меѓународен карактер и на него учество ќе земат познати пејачи од земјава и Балканот- „Златно славејче“, Наум Петрески, Миле Кузмановски, „Синтезис“, Антонија Шола, „Црвена јабука“, Жељко Самарџиќ, Марко Возељ, Јоана, Елена Ристеска, Мартин Вучиќ, Маја Оџаклиевска и други. Ќе бидат испеани песни кои ги пееше Тоше, но и промовирани неколку нови во негова изведба, како и песни од неговото авторско перо. Концертот годинава е креиран според желбите на неговите фанови. Тие сугерираат ведриот лик на распеаниот Тоше да доминира цело време, преку видеоснимки што ќе се прикажуваат на големите лед екрани. Влезниците ќе изнесуваат 250 денари.Заедно со концертот ќе биде промовиран и новиот албум насловен „Со љубов од Тоше“, кој во продажба ќе биде пуштен деновиве. На него ќе се најдат дванаесет светски рок- балади на светски познати артисти, како и песната „Наслони главу на моје раме“.„Организацијата и подготовките се при крај со надеж дека со уште една вечер ќе бидат допрени срцата на публиката, “ изјави Андреј Николоски, од Меѓународната фондација „Тоше Проески“.„Денес споменот за Тоше Проески го обединува Балканот. Тој стана пример и обединувачки фактор за многу луѓе и многу генерации. Обврска е да го сочуваме споменот за него и да ја поддржиме неговата хумана мисија. Во оваа насока Владата на РМ и Министерството за култура, заедно со Фондацијата, реализираа низа активности со кои се оплеменува ликот и делото на ова наша музичка икона. Во пресрет на 30-от роденден на Тоше Проески сите градежни работи на Спомен -куќата на Гумење се целосно завршени. Куќата ја доби својата физиономија која во основа е материјализација на целиот живот и дело на Тоше Проески. Спомен- куќата ќе биде отворена за посетителите, откако заедно со семејството на Проески ќе се внесат сите негови лични предмети и се дел од автентичната збирка на фотографии. Ентериерно е поставен и животниот пат на Тоше Проески од најраното негово детство со најсовремена опрема и технологија.“ изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.Трета година по ред, покровител на концертот е Министерството за култура кое годинава откупи дел од картите и ги подари на Домот за деца без родители „11 Октомври“, јавната установа „25 Мај“ и СОС Детското село. Во организацијата на концертот е вклучена и ЕВН-Македонија. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



