Култура
Вида Огњеновиќ добитник на Светската награда за хуманизам 2012-та
Годинешен носител на признанието на Охридската Академија на хуманизмот е Вида Огњеновиќ, српски книжевник и режисер, одлука едногласно донесена од страна на седумчленото меѓународно жири.
Годинешен носител на признанието на Охридската Академија на хуманизмот е Вида Огњеновиќ, српски книжевник и режисер, одлука едногласно донесена од страна на седумчленото меѓународно жири.Свечената церемонија на прогласувањето по традиција ќе биде организирана во Охрид, градот на УНЕСКО, на 18 јануари 2012 година, наспроти Водици, во куќата Уранија на МАНУ во 19 часот.Охридската Академија на хуманизмот од 2007 година ја инаугурира Светската награда за хуманизам, која се доделува на врвни фигури на светската уметност, според традицијата на свети. Климент Охридск, основоположникот на првата Средновековна школа за хуманизам во Европа.Досегашни добитници на ова признание се јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда (2007), португалскиот синеаст Мануел де Оливеира (2008), рускиот писател и нобеловец Александар Солженицин (2009), големиот индиски композитор, хуманист и филозоф Рави Шанкар (2010) а минатата година Светската награда за хуманизам му припадна на театарскиот режисер и теоретичар Питер Брук.Вида Огњеновиќ е српски книжевник и режисер, дипломирана на Катедрата за општа книжевност на Филолошкиот факултет во Белград во 1963 година и на Отсекот за режија на белградската Академија за театар, филм и телевизија во 1965 година. Постдипломските студии ги започнува во Париз, на Сорбона, а магистерскиот труд го брани во 1972 година на Универзитетот во Минесота, САД. Од 1974 до 1979 работи како асистент на Факултетот за драмски уметности во Белград. За директор на Драмата на Народниот театар во Белград е избрана во 1977 година, а по истекот на четиригодишниот мандата, останува да работи во театарот како режисер. Како визитинг професор предавала на Универзитетите во Лос Анџелес (УСЛА), Чикаго (УИЦ) од 1981 до 1982, а во рамките на предавачките ангажмани како гостин предавала и на сите поголеми Универзитети во САД во 1985, 1991, 1997 и 1999. Редовен професор е на Академијата на уметностите во Нови Сад и актуелен Амбасадор на Србија во Данска. Нејзиниот режисерски опус го чинат близу сто театарски, како и голем број на телевизиски и радио режии, од кои голем дел се базирани врз нејзините текстови. напишала голем број на драми, кои доживеале повеќе постановки и бројни изведби, а истите биле и повеќекратно објавувани. Како режисер гостувала во многу театри ширум поранешна Југославија, а свои ангажмани сварила и во поширок европски и светски контекст. Притоа објавила и четири книги проза, еден роман, книги со драми./крај/мф/сн/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

