Македонија
Двајца судии од „Јустиција“ се спогодиле со Обвинителство

Двајца судии кои се осомничени во предметот „Јустиција“ постигнале спогодба со Основното јавно обвинителство Скопје и добиле условна казна.
„Денеска спогодбата е верификувана и од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје, кој согласно договореното со Пресуда на осомничените им изрече условна казна затвор, односно казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од три години лицата не сторат кривично дело“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.Двајцата осудени лица се поранешни судии, сега во пензија.Во акцијата „Јустиција“ во октомври беа приведени и беа поднесени кривични пријави против 14 судии од Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје 1 и против 11 судски службеници од истиот Суд осомничени за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Според кривичната пријава, судиите и службениците со неизвршување на службената должност нанеле штета на Буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настанот „Горан е тука“

Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настан „Горан е тука“ по повод 73 години од раѓањето на познатиот драмски автор.
На местото каде што во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски се собраа да му оддадат почит.
Кај спомен-клупата посветена на уметникот се одржаа уметнички изведби кои потсетија на делото на Стефановски и на неговата трајна вредност за македонската култура.
Настанот опфати читање избрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музички сет на Игор Стефановски, синот на драматургот, пантомима на Дарко Вељиќ, настап на групата „Аудио Скопје“, живи статуи и учество на пријатели и колеги од театарот.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека „Горан не беше само писател – тој беше совеста на едно време“ и дека „со секој збор создаваше светови во кои се огледува нашето минато и иднина“.
-Горан не е само спомен, тој е присуство. Преку новите културни сцени што никнуваат низ Центар, сакаме да ја пренесеме пораката дека културата е жив организам што нè обликува, ни дава идентитет и ни ја носи душата на времето. Чест ми е што ова центарско катче го носи токму неговото име. Горан е тука, во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува. Ви благодарам што сте дел од ова заедничко сеќавање, истакна Герасимовски.
Настанот беше во организација на Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со поддршка од Општина Центар.
Горан Стефановски е роден на денешен ден во 1952 година во Битола. Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Обединето Кралство.
Македонија
Премиерот уверува дека Владата е стабилна и силна

Владата е стабилна и силна, и ги исполнува очекувањата на граѓаните, и покрај бројните предизвици и општата економска катастрофа која беше наследена. Општ став е дека се вложуваат сите сили Македонија да се стави на брза трка за економски раст и развој, соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ по седницата на Централниот комитет на партијата.
Како што се наведува во соопштението по средбата, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски го информирал претседателот и партијата дека општинските комитети се силно мотивирани и подготвени за избори, на кои се очекува огромна победа.
„Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека Македонија ја очекуваат успеси и добри резултати кои се последица на реформите преземени во изминатиот период, и дека целта е економска стабилност и просперитет на сите граѓани“, се посочува во соопштението.
Мицкоски исто така информирал и дека во идниот период продолжуваат испитувањата и мерењата на јавното мислење за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, кои покажуваат неколукратна предност пред политичките конкуренти, но и дека треба да се сполни одговорноста на преземените ветувања пред граѓаните.
Македонија
Детето што загина со мотор немало ниту возачка, ниту кацига, а возело со брзина над дозволената

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на тешката сообраќајната несреќа во која загина 16-годишен возач на мотоцикл, која ноќеска се случила во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”.
Како што соопшти државното Јавно обвинителство, според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената.
-На критичната локација не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување, соопшти ЈОРСМ.
Со цел точно утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал повеќе наредби и насоки.
-Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видеонадзорот на конкретната локација. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции, наведува Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека во СВР Скопје денеска во 02.28 часот било пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во скопски Чаир се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл пиаџо беверли со скопски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Скопје, и електричен тротинет управуван од 14-годишник од Скопје.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал 16-годишниот мотоциклист, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Четиринаесетгодишник кој управувал електричен тротинет, пак, се здобил со телесни повреди констатирани во Ургентниот центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“.