Македонија
Лекари специјалисти ќе патуваат по градовите каде што има најголема потреба од нив
Министерството за здравство со патен налог ќе упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа низ земјава кој ќе престојува од три до пет дена во текот на месецот, со цел надминување на проблемите во здравствениот систем како резултат на недостиг на определени специјалисти во определени подрачја на државата.
Министерот за здравство, Никола Тодоров го најави новиот проект на министерството „Наш специјалист“ кој ќе стартува од сабота во Берово и Валандово поради недостатокот на специјалисти низ земјава.„Поаѓајќи од проблемот кој го имаме детектирано, а тоа дека во определени подрачја на државата нема доволен број или воопшто нема специјалисти од некоја област и како резултат на тоа граѓаните од тој град или регион се принудени за конкретната здравствена услуга да патуваат до најблиската клиничка или општа болница во регионот со што се изложуваат на трошоци, а се прави и оптоварување на докторите кои работат во тие клинички и општи болници каде ја има таа специјалност одлучивме да предложиме вакви законски измени Министерството преку детална анализа да може да носи одлука за надминување на овој проблем“, посочи Тодоров.Според него, трајно решение на овој проблем е создавање кадар во таа област. За жал, појасни, кадар во областа на медицината не може да се создаде преку ноќ, за тоа се потребни пет, шест и повеќе години и за да се надмине проблемот го претставуваме проектот „Наш специјалист“. Според анализата што ја направиле од системот „Мој термин“ утврдиле во кои градови пациентите најчесто се упатувани во други градови или болници и колкав е тој број на упати во текот на еден месец и како резултат на тоа одлучиле да отпочнат во определени специјалности во определени градови.„Во Берово констатиравме дека има голем број упатувања во две специјалности-ортопедија и неврологија. Затоа одлучивме во Берово од 4 април секоја сабота да упатуваме ортопед од 8 до 15:30 часот, кој ќе ги прегледува пациентите кои имаат потреба од ваков вид здравствени услуги. Во Берово изминатиот период имало 2.262 упати кон специјалист ортопед кои не можеле да се реализираат во градот од причина што нема специјалистичко консултативна амбуланта од областа на ортопедијата па пациентите се препраќале во Клиничката болница во Штип“, рече Тодоров.Во Здравствениот дом во Берово секоја сабота од 8 до 15:30 часот ќе биде упатен и доктор невролог, имајќи предвид дека изминатиот период имало 1.161 упат на оваа специјалност на пациенти од тој град до друга здравствена установа главно во Клиничката болница во Штип.„Во Валандово проектот стартува исто така на 4 април и секоја сабота од 8 до 15:30 часот ќе има специјалист од областа на неврологијата. Во тој град за невролошки прегледи имало 1.111 упати во изминатиот период со што се исполнети условите за испраќање доктор специјалист од оваа област. Проектот го спроведуваме наменски таму каде се забележани најголем број упатувања кон одредена специјалност со цел да се растоварат упатувањата и да се намали времето на чекање во болниците и клиниките“, истакна Тодоров./крај/мф
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 12:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 12:30 часот.
Скопски регион
– На подрачјето Скопје не се евидентирани нарушувања на редовната состојба. Во моментов нема врнежи од дожд или снег и состојбата е стабилна.
Тетовски регион
– Состојбата во Тетово и околината е стабилна, без нарушувања во редовното функционирање. Сите патни правци се проодни, а коловозите се претежно влажни.
– ЈП „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка.
– Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот.
Струмички регион
– На територијата на Струмица нема пријави за настанати штети. Во моментов нема активни врнежи и не постои опасност од излевање на реките. Не се евидентирани одрони или непроодни патни правци.
Велешки регион
– На подрачјето на Велес состојбата е стабилна, без нарушувања, и во моментов нема врнежи од дожд или снег.
Кумановски регион
– На територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање.
– Сите патни правци се проодни и чисти. Патниот правец од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП „Македонија пат“ истиот е целосно расчистен.
– Во Крива Паланка, Кратово и Страцин сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одрони и снег на одредени локални делници.
Штипски регион
– На подрачјето на Штип во моментов нема врнежи, а состојбата е стабилна.
Охридско-струшки и западен регион
– Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации се уште има поплавени подрумски простории и дворови.
– Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови, а состојбата се следи од надлежните служби.
– Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патните правци се проодни, со појава на помали одрони кои редовно се расчистуваат.
– Во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.
Битолско-пелагониски регион
– Во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка река, локалниот пат за с. Мренога е затворен за сообраќај.
Реките се вратени во коритата, освен река Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се уште има излевање и поплавени земјоделски површини.
– Во Битола, состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од зафатените површини. Нивото на река Црна кај Новаци изнесува 320 см.
– Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.
Македонија
ДИК: Излезноста до 11 часот во четирите општини е 3,32 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 11:00 чaсот, од вкупно запишани 128.286 гласачи на 215 избирачки места од општините Врапшиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде денеска се спроведуваат повторените избори за градоначалник на општина, гласале
3.553 гласачи, односно 3.32 %.
– Врапшиште, гласале 834 гласачи, односно 3.02 %.
– Гостивар, гласале 1937 гласачи, односно 3.14 %.
– Центар Жупа, гласале 168 гласачи, односно 2.22 %.
– Маврово и Ростуше, гласале 624 гласачи, односно 5.90 %.
Како што информира ДИК, во споредба со гласањето на 19 октомври 2025, до 11:00 часот, на овие повторени избори се забележува разликата во однос на излезеноста во овие општини и тоа:
– Врапшиште, зголемена за 0.48_%.
– Гостивар, намалена за 1.96 %.
– Центар Жупа, намалена за 2.61 %.
– Маврово и Ростуше, намалена за 5.82 %.

