Македонија
Доделени наградите и медалите на Јуниорската балканска олимпијада по информатика

Наградите и медалите на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, врвен настан во програмирање кој претходи на Балканската и Интернационалната олимпијада по информатика, беа доделени на свечена церемонија во Охрид.
Македонија годинава е домаќин на настанот, кој од 14 до 19 септември се одржува во Охрид, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија.
Јуниорската балканска олимпијада по информатика вклучува ученици на возраст до 15,5 години, а се одржува по деветти пат со учество на членки на Балканската иницијатива: Македонија, Кипар, Романија, Молдавија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија, како и Полска и Словенија, кои добија специјални покани за учество.
Најдобар учесник на настанот беше ученикот од Полска Јулиус Фам, а најдобар официјален учесник беше Романецот Овидиу Разван Харшан. Освојувач на бронзен медал и најдобар учесник од Македонија беше Марко Чаласан. Наградите ги врачи претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.
Секоја земја учествува со тим кој се состои од четири натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов, кој беше и претседавач на Олимпијадата, настанот ја потврдува определбата на Македонија да ја поддржува информатиката за да изгради информатичко општество и притоа креаторите на истото да се македонските информатичари.
„Ваквите натпревари кои се за најдобрите натпреварувачи од секоја земја претставуваат и поттик за сите останати ученици да се заинтересираат околу информатиката и програмирањето. Учениците учесници кои ќе постигнат значајни резултати на вакви олимпијади добиваат можност бесплатно да студираат на најпрестижните универзитети во светот“, истакна Јованов. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.