Македонија
Министерот Јолевски ги посети учесниците на Курсот за стратегиско лидерство во Охрид

Развојот на лидерството и размената на искуства и мислења околу местото на теориите и моделите на лидерство во областа на одбраната е од исклучително значење имајќи ја предвид нашата цел за воспоставување на ефикасен одбранбен систем.
Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, пред учесниците на еднонеделниот Курс за стратегиско лидерство кој се одржува во Охрид, во коорганизација на Министерството за одбрана и Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија.
Министерот Јолевски додаде дека станува збор за многу интересна материја која мора да биде предмет на изучување, особено имајќи предвид дека вработените во Министерствата за одбрана работат во една стратешка област, како што е одбраната и безбедноста.
На курсот кој обработува повеќе теми меѓу кои и лидерството, командувањето и менаџирањето во стратешки средини, потребата за развој на меѓу-културно лидерство, запознавање со етичките теории и носењето на критични одлуки во комплексни ситуации, учествуваат триесетина високи претставници и офицери од одбранбениот сектор и сродните институции во Република Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Украина, Грузија, Ерменија, Азербејџан и Обединетото Кралство.
Курсот за стратешко лидерство завршува во петок со разгледување на неколку студии на случај и официјално врачување на сертификати за учество на курсот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.