Култура
„Моите кутии“ на Славица Јанешлиева во Велес
Како дел од проектот „Кич, да?! Сте или не?!“ на Министерството за култура, Дирекцијата за култура на град Скопје и МСУ утревечер, 20 часот, во ликовниот салон на Народниот музеј – Велес ќе биде отворена изложбата „Моите кутии“ на Славица Јанешлиева
Овој проект стартуваше на 14 април оваа година со отворањето на изложбата „Британска колекција“ на Музејот на современа уметност и изложбата во текот на овие месеци беше презентирана во Охрид, Кичево, Дебар, Прилеп, Битола, Кавадарци…Покрај оваа изложба, во рамки на проектот годинава беа реализирани уште четири изложби и тоа „Skin, Sensuality, Sex“ – изложба на фотографии печатени на кожа од Олгица Димитрова, изложба на керамики на Филип Фидановски, изложба на стрип на Александар Станковски и „Моите кутии“ на Славица Јанашлиева. Идејата на самиот проект е ликовното творештво да не биде привилегија само на малкумина почитувачи на уметноста, туку да се доближи до пошироката публика, а истовремено преку претставувањето на врвните дострели во творештвото пред публиката да се наметне и дилемата „кич да или не“.Славица Јанешлиева е уметница со исклучителна дарба за визуелна нарација и изграден препознатлив ликовен израз. Нејзините дела (често работени во циклуси) експериментираат, премостувајќи вообичаени шеми и традиционални граници, дела често навидум херметични, но всушност податливи за општи читања. целиот досегашен авторски израз на Јанешлиева се определува во т.н. „уметност во прво лице“, но тоа интимно/семејно може да заличи на замена на општото/општественото „бегство“ од оваа и ваква општествена реалност, но во самата суштина е поврзано со редица горливи (традиционални, морални) дилеми актуелни за глобалната средина. Јанешлиева поседува впечатлива раскажувачка пленивост, ги „меша“ контекстите, времињата, редоследот, ситуациите, како и извонредно чувство за визуелизација на таа приказна.
Јанешлиева (1973) дипломира на ФЛУ, Скопје. Магистрира на истиот факултет. Нејзин медиум е графиката. Активно изложува од 1996 година, а досега има остварено повеќе самостојни изложби во Битола, Скопје, Босвил (Швајцарија), Братислава, Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.