Култура
МНТ ја истакна работата во изминатите три годин

Македонскиот народен театар денеска ја соопшти работата извршена во последните три години, а за претстојната 2010 година најави повеќе премиери
Веќе овој петок на сцената на МНТ ќе биде поставена претставата “Буре барут“, освежена со млади актери. Во МНТ во тек се подготовките за претставата “Тупаница полна љубов“ по текстот на Дејан Дуковски “Празен град“, а во режија на босанската режисерка Синди Лопачиќ. Исто така, траат подготовките за копродукцијата на проектот “Сите жени на Балзак“, помеѓу МНТ и Ребис, а во режија на Бојан Трифуновски. За една недела ќе започне со проба претставата Доктор Фаустус, по дело на Гетеовиот Фауст, а адаптирана и режирана од Срѓан Јанакиевиќ. Режисерот Васил Христов ќе ги работи “Пеколен портокал“ и “Три гроша“ од Брехт. Наесен ќе се работи на претставата “Солунски атентатори“ во режија на Синиша Ефтимов, според автентични документи на солунските атентатори и сценариото на Јован Бошковски. Пред крајот на годината режисерот Златко Славенски ќе работи на претставата “Зли души“ од Достоевски. Почнувајќи во 2007 година со премиерата „Болва во уво“ во режија на Бранко Ставрев, беше обележана 100-годишнината од смртта на големиот драмски писател Жорж Фејдо, оваа претстава досега има доживеано 40 изведби и ја гледале 40 000 посетители. Во 2007 беше одбележана и 100-годишнината од раѓањето на македонскиот актер Петре Прличко, а за таа пригода на репертоарот на МНТ е поставена модерната верзија на комедијата „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ, таа претстава досега има достигнато над 600 изведби и посетеност од 60 000 гледачи.Како најистакнати претстави во МНТ за последниве три години се издвојуваат и : „Крал Иби“ во режија на Бојан Трифуновски, „Соларис“, режија Златко Славенски, „Дракула“ на Дејан Дуковски, „Мара-Сад“ под режисерката палка на Васил Христов, „Празен град“ исто така на Дејан Дуковски, „Фигаро се разведува“, режисер Куштрим Бектеши, „Госпоѓа министерка“ во копродукција со „Вртелешка“ во режија на Наташа Поплавска, театарскиот проект „Свето срце“ каде што Љубиша Георгиевски се јавува како комплетен автор на делото. Еден од поголемите и покомлексни потфати на Македонскиот народен театар беше носењето во Македонија на легендарниот театарски режисер Љубиша Ристиќ и реализација на „Троил и Кресида“ на Вилијам Шекспир, со учество на околу 80 актери и музичари, се играше под отворено небо во Скопје и Битола во шестчасовна верзија и ја проследија неколку илјади гледачи. Од малата сцена на МНТ за овие три години можат да се издвојат „Среќните денови на Љубовникот“ во режија на Нелко Нелковски, монодрамата „Стилски вежби“, исто во режија на Нелко Нелковски која го најави враќањето на извонредната актерка Емилија Андреева, „Вејка на ветерот“ од Коле Чашуле во режија на Нела Витошевиќ и „Е.Е.Г“, монодрама во копродукција со Тетарски квартет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.