Македонија
Гинеколозите на Facebook ќе даваат совети за здрава бременост

Гинеколозите од државната клиника на Facebook ќе им даваат совети на идните мајки.
Министерството за здравство креираше Facebook страна со наслов Здрава бременост, која од вчера е активирана на оваа социјална мрежа за стручни совети и консултации за бременоста.Почнувајќи од денеска, по еден доктор-гинеколог на дневна основа ќе одговара на прашањата кои биле поставени во текот на денот и ќе споделува стручни совети и мислења со идните родители.Како што информираат од министерството, денеска во периодот после 19 часот, на сите прашања кои дотогаш ќе бидат поставени на социјалната мрежа, ќе одговори д-р Марија Хаџи Лега, директор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Во наредните денови, на поставените прашања ќе одговараат и следните доктори: д-р Весна Ливринова, д-р Горан Кочоски, д-р Ана Данева, д-р Иво Ќаев, д-р Роса Спасова, д-р Катерина Маџункова, д-р Ирена Тодоровска, д-р Корнелија Трајкова, д-р Миле Тантуровски, д-р Арта Бина и д-р Габриела Бушиновска.Прашањата се поставуваат во коментар или во приватна порака на Facebook страната, а одговорот се добива во приватна порака. Одговорите на најчесто поставуваните прашања ќе бидат и јавно споделени (анонимизирано, без објавување на лицето што го поставило прашањето), со цел информирање на пошироката јавност.„Со ваквиот начин на комуникација овозможуваме директно и непосредно споделување на стручни медицински совети со идните родители, со цел заштита на здравјето на мајката и детето. Меѓу првите совети споделени на оваа Facebook страна е советот за правилно и потполно пополнување на Мајчината книшка, која бремената жена ја носи со себе на прегледите и во која редовно треба да се впишуваат наодите од сите гинеколошки прегледи. Правилно и потполно пополнетата Мајчина книшка помага за навремено откривање на неправилности во текот на бременоста, а воедно овозможува дежурниот доктор во родилиштето да ги добие сите потребни информации за дотогашниот тек на бременоста“ се вели во соопштението од Министерството за здравство./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.