Култура
Хуманитарен концерт за борба против леукемијата

Здружението за подобрување на животот НВО „Биливстронг“, утре организира хуманитарен концерт во Куршумли ан во Старата скопска чаршија.
Здружението за подобрување на животот НВО „Биливстронг“, утре организира хуманитарен концерт во Куршумли ан во Старата скопска чаршија.На концертот ќе настапат Тони Китановски&Черкези, Љубојна, Фолтин, Суперхикс, Bei the fish, како и ди-џеите Шурбески и Пиги, а почетокот е закажан за 20 часот.Билетите веќе се пуштени во продажба, а покрај кафулињата во Дебар маало, можат да се купат и на влезот во Куршуми ан,по цена од 300 денари.Покрај купениот билет за време на концертот ќе можат да се донираат средства со купување на маички со логото на Биливстронг, а ќе бидат отворени и телефонски линии за донација од сите мобилни оператори.Сите собрани средства од овој прв настан на здружението Биливстронг, ќе бидат наменети за лекување на Бисера Лакинска, која боледува од акутна миелоидна леукемија. Единствената можност за нејзино излекување е трансплантација на коскената срцевина./крај/со/см
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Две нови фестивалски селекции во Италија за „Јон Вардар“

Македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со успешното фестивалско патешествие, со две нови селекции во Италија. Филмот ќе биде прикажан во главната програма на Ariano International Film Festival, каде што ќе има прајм-тајм проекција овој вторник, 29 јули, како и на International Tour Film Festival во Рим, во текот на октомври.
Двата фестивала имаат за цел да ја промовираат кинематографската уметност преку поттикнување на иновативни стилски пристапи и културна размена помеѓу различни народи и култури. Особено внимание се посветува на дела кои ја комбинираат уметноста со забава, едукација и современа визуелна експресија.
„Многу сум среќен што филмот продолжува да живее на фестивали низ Европа и светот. Италија е посебно значајна за мене, бидејќи е земја со богата традиција во анимацијата и филмската уметност. Овие селекции се уште една потврда дека и од малите земји можат да дојдат големи авантури,“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Овие нови селекции доаѓаат по италијанската премиера во мај на Cartoons on the Bay, најголемиот италијански фестивал за анимација, каде што „Јон Вардар против Галаксијата“ се натпреваруваше за Pulcinella Award, една од најпрестижните европски награди во областа на анимацијата.
Култура
Камерниот ансамбл „Консонанс“ настапи на Охридско лето

Камерниот ансамбл „Консонанс“ со концертот „Мозаик“ вчеравечер се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“.
Извонредните уметници, флејтистката Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ која свири на англиски рог, кларинетистот Здравко Ангелов, Сашо Темелковски на бас-кларинет и Дарко Илиевски на хармоника кои се и професионални музичари во Македонската филхармонија, ја збогатија фестивалската програма на класична музика со дела напишани од македонски композитори.
Концертната вечер започна со „Минијатури“ од Благој Цанев, припадник на четвртата генерација македонски композитори.
-Ова е посебно дело што сакам да го потенцирам бидејќи токму на вчерашниот концерт доживеа премиерна изведба во оваа верзија и за овој ансамбл. Композицијата „Минијатури“ е дело од македонскиот композитор Благој Цанев којшто почина пред пет години и оваа година, ние, на овој начин, јубилејно ја одбележуваме петгодишнината од неговата смрт изведувајќи го ова дело во овој состав. Инаку, аранжманот за овој состав го направи неговиот внук, Филип Иванов, којшто е исто така композитор, вели Маја Чанаќевиќ.
Второто дело што го изведоа уметниците од Консонанс ансамбл „Мозаик“ е посветено и напишано токму за овој состав од Филип Иванов, кој припаѓа на најмладата генерација македонски композитори. На концертниот репертоар беа уште неколку композиции од композиторот Дарко Илиевски кого публиката во црквата „Света Софија“имаше можност да го види со својата хармоника како дел од овој ансамбл.
-Дарко Илиевски свири хармоника, но е и композитор кој пишува прекрасна музика што се базира на македонскиот фолклор. Тоа не се аранжмани на македонски фолклор, туку комплетно нови композиции кои само се инспирирани од македонскиот фолклор, појаснува Чанаќевиќ.
Според неа, „Охридско лето“ преку застапеноста на македонските музичари и композитори на фестивалската програма покажува дека негува посебен однос и почит кон македонското музичко творештво.
-Фестивалот „Охридско лето“ за нас музичарите во Македонија претставува врвот на нашата кариера. Настапот на „Охридско лето“ и со Македонската филхармонија се врвот којшто може да го достигнеме во нашата држава и сме навистина пресреќни поради тоа што директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски и селекторката Симона Ѓорчева годинава ни ја дадоа можноста и нè поканија да учествуваме на 65-издание на „Охридско лето“. Со тоа, тие покажуваат посебен однос и почит кон македонското музичко творештво, значи, не само кон македонските музичари, туку и кон македонското музичко творештво бидејќи на нашиот концерт беа изведени дела исклучиво од македонски композитори, додава Чанаќевиќ.
„Консонанс“, основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на своите почетоци беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој состав. Музичарите од ансамблот, кои имаат долгогодишно искуство, подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
Култура
Фестивалот „Културен амалгам“ почна во Скопје, а вечерва продолжува во Крива Паланка

Првата вечер од второто издание на фестивалот „Културен амалгам“ започна во Културно информативен центар – Скопје на 15 јули со впечатлив настан во Скопје, обединувајќи фотографија, документаристика и уметнички експеримент во еден културен мозаик. Публиката во КИЦ Скопје имаше ретка можност да ја проследи изложбата „ФотоСинтеза“, која претстави над 40 автори од Романија специјализирани за алтернативни фотографски техники како цијанотипија, вандајк и гум-бихромат. Делата беа силно поетични, но и технички прецизни, нудејќи свежа перспектива на историските процеси во современ контекст.
Веднаш потоа, беше прикажан документарниот филм „Манaки – Приказна во слики“, режиран од Роберт Јанкулоски, кој со внимателно истражена нарација и автентични фотографии нè врати во времето на првите балкански кинематографери, преку факти кој ретко кој ги знаел. Филмот остави силен печат врз публиката со својот достоинствен пристап кон културното наследство, давајќи историски контекст на приказната.
Со ова, фестивалот започна како што и најави: со јасна визија, културна длабочина и отвореност кон интердисциплинарна уметност.
Вечерва Крива Паланка станува нова станица на патувачкиот фестивал „Културен амалгам 2025“. Во просториите на Градскиот музеј, од 20 часот, публиката ќе има можност да ја проследи ревијалната изложба „ФотоСинтеза“, која прикажува редок избор на алтернативна фотографија од фотоклубот „Ирис“. Техники како цијанотипија, гумоил и вандајк ќе бидат изложени преку дела на над 40 автори, кои го оживуваат минатото со современа чувствителност.
По изложбата ќе следува и проекција на документарниот филм „Манаки – прикзна во слики“, посветен на животот и делото на пионерите на балканската фотографија – браќата Манаки.
Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на уметноста, културата и фотографијата.
Следна станица на естивалот е Куманово на седми август во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Со овие активности Културно-информативниот центар – Скопје настојува да поттикне децентрализација на културата во Македонија и да воспостави трајна соработка меѓу културните институции низ земјата.
Целта е да се заживеат локалните простори преку изложби, проекции, работилници и трибини, како и да се создадат нови услови за самоорганизирано културно делување. Годинешната тема е фотографијата, со фокус на нејзиниот историски развој и алтернативни техники кои повторно стануваат актуелни. Проектот има и амбиција да се прошири на регионално и меѓународно ниво.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам.