Македонија
Основана Платформа за антикорупција

Петнаесет граѓански организации во вторник ја основаа Платформата за антикорупција. Таа цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.
Платформата, преку заеднички реакции, ќе тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно.
Ефективноста, транспарентноста и интегритетот на релевантните институции ќе бидат следени постојано. Особено внимание ќе се обрне на соработката со Државната комисија за спречување на корупцијата и на нејзината работа. Ќе се следи и анализира ефективноста на правосудството како и работата на другите институции (МВР, ДЗР, БЈН, УЈП) во процесирање на случаи поврзани со корупција. Ќе се следи и анализира и транспарентноста и отчетноста на јавните институции со повисок ризик за корупција (судство, полиција, здравство, ЕЛС, инспекции и сл..). Платформата ќе поттикнува и поддржува иницијативи за поголема транспарентност во донесувањето и спроведувањето на Буџетот на РМ и буџетите на единиците на локална самоуправа, а ќе го следи и финансирањето на политичките партии и користењето јавните ресурси за партиски интереси. Исто така ќе биде покрената и иницијатива за полесен пристап до (статистички) податоци.
Платформата ќе работи и на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата. Ќе бидат иницирани иновативни решенија кои ќе водат кон повисок интегритет на институциите и на граѓаните, ќе бидат поттикнати граѓаните за укажување на случаи на корупција и ќе се поттикне јавна расправа за ефектот на политичките и на социо-културните фактори кои влијаат на корупцијата.
Членки на Платформата се: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики. /крај/со/ст
/крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот на Мицкоски за повереници е најава за враќање на авторитаризмот на Груевски, смета ДОМ

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) реагира, како што велат, со огромна загриженост на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека, доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
Според партијата, ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски, менторот на Мицкоски.
„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е „политичка тактика“, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат. Зелената партија ДОМ ја потсетува јавноста дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните прикриени коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) од независните гласови го разоткрива лицето на една тивка, но сеопфатна согласност меѓу партиските „аристократии“. Молкот за ова прашање од страна на „опозициските“ перјаници од СДСМ и ДУИ само ги потврдува сомнежите за таа непринципиелна коалиција и нивната нетрпеливост кон новите, храбри независни гласови“, велат од ДОМ.
Партијата бара премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.
„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување „повереници“ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал“, велат од ДОМ.
Македонија
Без струја делови од Бутел, Центар и Аеродром

Без струја денеска ќе останат делови од Бутел, Центар и Аеродром.
„Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, известува дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 22.08.2025 година ( петок ), без електрична енергија ќе останат:
· од 07:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул.Боца Иванова во близина на Јафа. (Општина Бутел)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул.Васил Стефановски (општина Центар)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул. 9-ти Мај (општина Центар)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Тодор Чангов (општина Аеродром)“, информира ЦУК.
Македонија
Гужва на „Табановце“, за излез се чека 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП “Табановце” времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез околу 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
.АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.