Македонија
Обвинителството сé уште го разгледува извештајот за загинувањето на екс претседателот Трајковски
Надлежниот јавен обвинител сé уште го разгледува новиот извештај за падот на „кингерот“ во кој загина поранешниот претседател Борис Трајковски и неговата осумчлена делагација, велат од Јавното обвинителство за Макфакс.
Иако беше формирана нова Комисија за истражување на падот на „кингерот“, сепак, досега, и по девет години од несреќата, сé уште никој не понесе одговорност за смртта на Трајковски и неговата делегација. Новиот извештај е предаден во македонското и босанското обвинителство, но сé уште нема поведено никаква кривична постапка против никого.Како и во првиот извештај директна причина за падот на „кингерот“ и во новиот извештај се пилотите и е проширен само кругот на индиректните причини за несреќата.Македонската Служба за општи и заеднички работи немала доволно вработени, не обезбедила обука за сите пилоти кои се ангажирани и била водена од лице кое претходно работело во Министерството за одбрана кое не било соодветно, рече босанскиот истражител Омер Кулиќ при презентацијата на извештајот.Агенцијата за цивилна воздушна пловидба на Македонија издала дозвола за авионот без потребна документација, а авионот не бил соодветно одржуван.СФОР направил процедура за слетување во Мостар каде морало да се користи радар, а радарот претходно бил расклопен и однесен од аеродромот. Босанските воздухопловни власти издале дозвола да се користи таа процедура за слетување поради што „кингерот“ со Трајковски при несреќата воопшто не бил следен од земја со радар.Не работела црната кутија за снимање на параметрите на летот и била застарена, а не бил функционален ниту уредот за лоцирање на авионот по уривањето. Тоа било доказ за истражителите дека СФОР крие нешто затоа што сигналот неисправниот уред го пријавиле како причина поради која е лоциран авионот.Контролорите на летање од францускиот контингент воопшто немале регуларни сертификати за својата функција и не биле достапни за истрагата цели две недели по несреќата. Владиниот „кингер” со којшто патуваше претседателот Трајковски, кој требаше да стигне на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004 година се урна во близина на Мостар.Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.Сомнежите за смртта на претседателот остануваат, а уште кога падна авионот имаше очевидци кои тврдат дека дека хеликоптери надлетувале над Столац, местото на несреќата и дека не се дозволува пристап до местото./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите.
До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.
„При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.
Македонија
На Табановце се чека по 40-тина минути за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 40 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро

Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро. Во тек е акција за негово пронаоѓање.
Според информациите на полицијата, денеска во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро, над селото Трпејца.
Од полицијата велат дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени тимови од езерската полиција и Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“.