Економија
Груевски: Прашајте ги странските фирми во Македонија за поволностите за водење бизнис

Вие можете да остварите посета на Македонија, и не од нас, туку од странските инвеститори кои се веќе лоцирани и работат во мојата земја, да побарате информации околу поволностите кои ги нудиме за водењето бизнис.
Ова на аргентинските бизнисмени им го порача македонскиот премиер Никола Груевски, во обраќањето на бизнис форумот во Буенос Аирес на кој ги презентираа поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.
Пред почетокот на бизнис форумо,т премиерот Груевски оствари средба со раководниот менаџмент на Индустриската унија на Аргентина, која што беше и организатор на бизнис форумот на кој присуствуваа претставници на компании од областа на транспортната инфраструктура, енергетиката, туризмот, земјоделството, осигурувањето и останати дејности.
Премиерот Груевски во своето обраќање се осврна и кон инвестициите во образованието.
„Нашата Влада за двојно го зголеми обемот на средства кои се инвестираат во образованието во насока на креирање на кадар кој што ќе ги поседува потребните вештини и знаења за квалитетно извршување на работните задачи. Таквиот кадар е гаранција за успех на вашите компании”, изјави премиерот Груевски.
Претседателот на Индустриската унија на Аргентина, Хозе Игнацио де Мендигурен, изрази позитивна оценка и задоволство од поволностите кои беа претставени на бизнис формот и истакна дека Унијата ќе лобира и ќе ги проследува кон нивните членки во насока да ги мотивира да ги разгледаат како добра бизнис можност.
Вицепремиерот Зоран Ставрески посочи дека стабилната валута, ликвидниот и солвентен банкарски систем, ниската инфлација и ниското ниво на задолженост кои се македонски макроекономски индикатори, нудат добро бизнис опкружување, а поддршката која Владата ја дава со својата услужна ориентираност ќе е од значење на потенцијалните инвеститори.
Министерот Веле Самак ги презентираше компаративните предности кои ги нуди Република Македонија на странските инвеститори истакнувајќи дека со постоечките реформи и со индикаторите на економијата се овозможува значително пониска цена на влезните инпути во производството со што се зголемува неговата исплатливост.
Директорот Висар Фида претстави повеќе конкретни проекти кои би можеле да претставуваат предмет на интерес на аргентинските мултинационални компании за реализација на инвестиции на полето на туризмот, инфраструктурата и енергетиката. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Тик-ток“ казнет со 530 милиони евра

„Тик ток“ е казнет со 530 милиони евра во Европската Унија поради непочитување на прописите за заштита на податоците на корисниците.
Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ ја казни платформата „Тик-ток“ со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги заштитува личните податоци на корисниците.
Регулаторот исто така ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави „Ројтерс“. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) соопшти дека „Тик-ток“, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„Тик-ток“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Економија
Народната банка ја додели годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.