Македонија
Изгласан ребалансот на Буџетот
Со гласовите на владејачкото мнозинство во Собранието во четвртокот попладнето беше изгласан ребалансот на Буџетот за тековната 2015 година, со што како што објасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, ќе се засили неговата расходна страна во полза на најавените проекти. Во полза на предложениот ребаланс гласаа 62 пратеници, додека седум беа против, во 123-члениот парламент.
Во образложението на предложениот ребаланс, министерот Зоран Ставрески појасни дека остварувањето на Буџетот за 2015 година во првите седум месеци биле подобри од очекувањата, а прибраните приходи биле повисоки од планираните, па тие со предлогот за ребаланс ќе се пренасочат на расходната страна за спроведување политики, мерки, активности и проекти кои беа најавени.
Сраврески, исто така, нагласи и дека реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвивал согласно предивиденото и оти вкупните приходи биле и подобри од минатата 2014 година.
„Во првите седум месеци од годинава остваривме вкупно 92 милијарди и 579 милиони денари приходи во Буџетот, што е за 11 милијарди и 160 милиони денари или за 13,7 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Ваквата реализација на приходната страна овозможи ликвидноста на Буџетот да биде извонредно добра, да има редовност во плаќањето на обврските кон фирмите и кон корисниците на средства од Буџетот, како и да се релаксираат односите во плаќањето во земјата. Од друга страна, овозможи вишокот средства над планираните да се распореди преку ребалансот, и тоа е причината зошто тој се предлага за разлика од изминатите години кога беше предложуван поради недостиг од приходи во Буџетот“, рече Ставрески.
Според него, кај даночните приходи имало намалување на данокот на додадена вреднсот (ДДВ), меѓутоа додаде дека тоа е компензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите. Кај данокот на добивка приходите се за 5 милијарди и 142 милиони денари, или за 165 отсто повиоки од 2014 година, а кај приходите од акцизи, чиј износ е милијарда и 981 милион денари, забележано е зголемување за 22 отсто во споредба со лани ,Добри биле, рече Ставрески, и приходите од здравствено и пензиско осигурување.
„Добрите и повисоки приходи и расходите на планираното ниво, го овозможија вишокот средства во Буџетот и предложениот ребаланс“, рече вицепремиерот.
Кога станува збор за расходната страна, Ставрески рече дека во првите седум месеци од годинава, средствата достигнале до 103 милијарди 686 милиони денари и биле во рамки на планираното.
„Редовно се исплаќаа сите буџетски корисници во делот на платите, стоки и услуги, и трансфери во чии рамки се реализираа и предвидените мерки за зголемување на социјалната помош, редовна исплата на пензиите, субвенциите и сл“, рече Ставрески потенцирајќи дека капиталните расходи се предвидени за 1,115 милијарди денари повеќе, со што ќе се интензивираат активности за неколку проекти од приоритетно значење.
Според Ставрески, најголем износ ќе биде издвоен за проектот за гасификација на делницата Клечовце – Штип кој изнесува 370 милиони денари. Дополнителни средства од 377 милиони денари се обезбедени за проширување на сметките за проекти за водоводи и канализации во сите општини. Дополнителни 222 милиони денари има за министерството за образование и наука, и тоа за финансирање на реконструкција и реновирање на училишта. Предвидени се и дополнителни 60 милиони денари за финансирање на реконтрукцијата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“.
„Досега редовно се исплаќаа плати, стоки и услуги, пензии и субвенции и се реализираа сите мерки за зголемување на социјалната помош. Со ребалансот, предвидени се средства за редовна исплата на зголемената социјална помош за 10 отсто, дополнителни средства за исплата на помош за сите ранливи категории, за зголемување на пензиите за пет проценти од октомври, како и за стипендиите“, порача Ставрески.
Владата верува дека со ребалансот се очекува да се задржи буџетскиот дефицит, и да се одржи нивото на јавниот и државниот долг. Во тој контекст предочи дека буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 отсто. За државниот и јавниот долг рече дека земјата останува во зоната на ниско до умерена задолженост со ниво на јавен долг од 43,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП), и ниво на државен долг од 36 отсто од БДП-то.
Со ребалансот проекцијата за растот на БДП изнесува 3,5 проценти и е за 0,5 отсто пониска од првично проектираната, а поради сложените услови во кои фунцконираше македонската економија.
„Врз основа на проекциите во ребалансот, се очекува Буџетот да ја одигра својата улога да осигури развојна компонента и да ги заштити сите социјални категории“, заклучи Ставрески./крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

