Култура
Формирана новата редакција на Енциклопедијата
На денешниот состанок на МАНУ е избрана новата редакција која ќе ја пишува првата македонска енциклопедија, изјави Академик Митко Маџунков
Новиот главен редактор на редакцијата е Митко Маџунков, кој изјави дека од петте одделенија на МАНУ се избрани пет академици. Освен Маџунков, во редакцијата ќе учествуваат академиците Милан Ѓурчинов, Иван Катарџиев, Алајдин Абази и Владо Матевски.
Како соработници кои не се академици во редакцијата ќе учествуваат и д-р Севим Пиличкова од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, проф. Драги Михајловски од Факултетот за Социологија, проф. Рамиз Абдули од универзитетот ЈИЕ – Тетово и д-р Виктор Урумов од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Академик Маџунков најави дека редакцијата во најбрз можен рок ќе свика седница и ќе започне со својата работа. Според него, пред да се започне со новата енциклопедија треба да се направи детална анализа на материјалите од старата енциклопедија и да се реши што ќе се прави со постоечката енциклопедија а потоа врз база на резултатите да се направи еден нов концепт.
„Мојот став во врска со ова прашање е добро познат. Јас сметам дека работата со претходната енциклопедија е завршена. Треба да ставиме точка и да започнеме од ново,“ изјави Академик Маџунков за Макфакс, и додаде дека ова е негово лично видување но дека за сите прашања во врска со новата енциклопедија ќе се носи крајна одлука со консензус во редакцијата.
Минатата година МАНУ ја објави првата македонска општа двотомна енциклопедија која беше проследена со бурни реакции во jавноста, поради нејзините содржини. Исто така беше забележано е не учеството на Академици од албанска националност во редакцијата на енциклопедијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

