Економија
Македонија и Унгарија ќе ја унапредуваат економската соработка
Министерот за економија Ваљон Сараќини во вторник оствари билатерална средба со претставниците на официјалната делегација на Унгарија предводена од државниот секретар во Кабинетот на унгарскиот премиер, Петар Сијарто.
„На средбата главен акцент бeше ставен на подобрувањето на економските односи помеѓу двете држави, зголемувањето на трговската размена и преземање на взаемни активности за поттикнување на идна соработка на полето на инвестициите, туризмот, енергетските и инфраструктурните проекти, потенцијалите за експлоатација на минерални суровини, заеднички проекти за научни и иновативни истражувања“, истакна Сараќини. Тој информираше дека била разгледана можноста за отварање на туристичка канцеларија во Македонија, заради зголемување на туристичката понуда пред унгарските туристи, но и одреден број на студенти да имаат можност да посетат некоја интернационална компанија со седиште во Унгарија.За време на средбата било разговарано и за актуелните економски случувања во Европа, како и за предизвиците со кои се соочуваат економиите на двете држави.Петар Сијарто потенцираше дека денешната средба е уште еден доказ за намерата на Република Унгарија за интензивирање на соработката со Република Македонија на економски план, а воедно ја истакна и поддршката што ја дава Унгарија во однос на интегрирањето на Македонија во Европската Унија и НАТО Алијансата. „Што се однесува, пак, на заклучоците од билатералната средба, сакам да истакнам дека се договоривме да направиме еден Акционен план составен од 6 точки, преку стратешко партнерство со МЕПСО, со цел модернизација на електродистрибутивната мрежа, учество на унгарските фирми во проектот Скопје 2014, зголемување и продлабочување на туристичката соработка, учество на унгарски фирми во проекти од областа на водостопанството, поддршка на стручното образование, како и трансфер на искуства што ги има стекнато Унгарија при влез во Европската Унија“, информираше Сијарто.
По средбата беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Унгарска агенција за инвестиции и трговија, со цел да се зајакнат билатералните односи помеѓу Република Македонија и Унгарија.
Според Меморандумот, двете страни се согласни со сите свои заложби да ги промовираат и унапредат трговските и инвестициските односи помеѓу двете земји, врз основа на соработка и заедничка корист, преку размена на информации, вршење активности за пазарно истражување, имплементација на промотивни активности и организација на тренинг програми и размена на експерти. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

