Култура
Изложбата на дела од Соколов, културен настан на годината во Кавадарци

Крајот на годината во Кавадарци го донесе и настанот на годината, кога станува збор за ликовната уметност. Кавадаречката културна јавност за таква ја оцени изложбата на еден од најголемите тамошни ликовни уметници, Ристо Соколов Сокол
Најавена како Ретро Мултимедиа, изложбата со наслов „Траги“ беше отворена на 15 декември во Домот на културата „Иван Мазов – Климе” и веднаш предизвика одушевување кај ликовната и културната јавност во Кавадарци. Самиот чин на отворање беше со мултимедијален карактер, со презентација на документарен филм за дел од животниот и ликовен пат на уметникот, со „жива“ музичка подлога од гајда и тапани, со поезија на Марјан Тодоровски посветена на делата на Ристо Соколов. Кус осврт на неговиот ликовен пат и за изложбата имаше проф. д-р Кирил Темков, а низ животот на уметникот бројните присутните на отворањето на изложбата ги поведе актерот Александар Малинков.Самиот чин на отворање на изложбата започна со долготраен аплауз од присутната публика по појавувањето на уметникот меѓу нив, што беше само почеток на една прекрасна уметничка вечер полна со емоции и врвна уметност.Што се однесува до делата изложени на изложбата, според сите присутни колеги, критичари и добри познавачи на ликовната уметност, претставуваат врв на долгогодишната работа на Соколов со природни материјали, спој на човекот уметник и природата, Со овие дела започнува еден нов и долготраен циклус на Ристо Соколов Сокол, со кој тој влегува во едно долгогодишно финале на неговата креативност како ликовен уметник, кој има усте многу да покаже пред, не само македонската, ликовна и културна јавност. По завршувањето на изложбата во Кавадарци, следуваат подготовки за нејзино поставување, веќе наредната година, во Скопје но и во странство, за почеток во еминентни галерии во Бугарија и Србија, за каде веќе се завршени преговорите за гостување.Во Кавадарци изложбата на Ристо соколов Сокол е биде поставена до 25 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.
Култура
Објавени наградите за меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје денес ги соопшти наградите и признанијата за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”.
Фестивалот е традиционален и годинава ќе се одржи на 15 мај, со почеток во 12 часот, во Културниот центар „Феникс” во Скопје.
Како и минатата година, и годинава ќе бидат доделени вкупно седум награди и признанија и тоа: „Балкански книжевни видици” на писателот Селимир Радуловиќ (Нови Сад) – за меѓународни книжевни вредности и релации; „Отворен круг” на писателот Стефан Марковски – за иновации и експерименти во книжевноста; „Премостувања” на писателот Шаип Емерлаху – за презентација и афирмација на македонското литературно творештво на Фестивалот „Денови на Наим Фрашери” во Тетово; „Хаикин“ на писателката Елена Пренџова – за посебен придонес во Хаику поезијата; „Литературни координати” на писателката Роза Бојанова (Бугарија) – за соработка и доближување на литературите; „Македонски корени” на писателот Ивица Челиковиќ (Шведска) – за неговото литературно и преведувачко творештво и „Големиот Принц” на писателот Мито Спасевски – за придонесот на планот на литературата за деца и млади.
Култура
„Ода на радоста“ – музичка посвета за Денот на Европа од Пламенка Трајковска

По повод 9 Мај – Денот на Европа, македонската виолинистка Пламенка Трајковска потсетува на синглот „Ода на радоста“, инспириран од универзалните европски вредности на мир, заедништво и културна поврзаност.
Во духот на Бетовеновата музика и европското мото „Обединети во различноста“, оваа изведба не е само звучна интерпретација, туку порака на надеж и заедништво во време кога светот повеќе од кога било има потреба од сплотеност.
„Нека музиката не потсети дека Европа не е само географија – тоа се вредности што ги споделуваме и негуваме секојдневно“, вели Трајковска, која со години го поврзува класичниот израз со современ културен ангажман.