Култура
Девет странски филмови во трка за Оскар

Девет филмови, меѓу кои и оние од Бугарија и Казахстан, влегоа во изборот за Оскар за најдобар странски филм, соопшти американската Академија за филм
Од понудените 65 филмови, избрани се девет филмови, а тој број ќе биде намален на пет, кога на 2 февруари ќе бидат соопштени номинациите за Оскар во сите категории. Во конкуренција за Оскар за најдобар филм снимен надвор од англиското говорно подрачје се остварувањата: “El Secreto de Sus Ojos” од Аргентина, “Samson & Delilah” од Австралија, бугарскиот филм “The World Is Big and Salvation Lurks Around the Corner“, како и „Un Prophete“ од Франција.Номинација за Оскар би можеле да добијат и филмовите „The White Ribbon“ (Германија), „Ajami“ (Израел), „Kelin“ (Казахстан), „Winter in Wartime” (Холандија) и „The Milk of Sorrow“ (Перу).Свеченото доделување на Оскарите е закажано за 7 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Манифестацијата „Денови на Македонската култура во Белград – Допир на Македонија“ свечено отворена со изложба на уметникот Тодор Јовановски

Во просториите на Завичајниот музеј „Жарково“ – Музеј на град Белград синоќа беше свечено отворена изложбата на слики од реномираниот македонски уметник Тодор Јовановски, со што официјално почна годинешната традиционална манифестација „Денови на македонската култура во Белград“, со наслов „Допир на Македонија“. Манифестацијата се одржува 14-ти пат во организација на Здружението „Македониум“, а под покровителство на Националниот совет на македонското национално малцинство и Министерството за култура на Република Србија.
Изложбата на Јовановски, кој со своето уметничко творештво пренесува длабоки културни и емотивни релации со Македонија, оваа година доби и хуманитарен карактер. Уметникот ја донираше својата слика „Виолинистка“ (масло на платно, 70 x 50 см, 2016), со цел приходот од продажбата да биде наменет за помош на семејствата на пациенти од Кочани кои се лекуваат во Белград. Аукцијата е отворена до 29 мај, а на затворањето на изложбата на 30 мај ќе виде врачена на купувачот.
Манифестацијата ја отвори претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, додека за творештвото на Јовановски говореше историчарот на уметноста, Здравко Вучетиќ.
Програмата на манифестацијата продолжува со следните настани:
9 мај, Академија 28 – Јубилеен концерт по повод 10 години од основањето на ансамблот „Македониум“, со учество на гости од Културно уметничкото друштво „Колан“, пејачките групи „Срма“ и „Луњина“, како и хорот на ОУ „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка. И овој настан е од хуманитарен карактер, а доброволниот билет чини 300 динари и ќе се користи за поддршка на повредените од Кочани.
15 мај, Театар 78 – Изведба на претставата „Земјата на штрковите“ од театарот „Провокација“ од Скопје, со почеток во 19:30 часот. Претставата потоа ќе биде играна и во Јабука 16 мај, и Вршац 17 мај.
22 мај, Градска библиотека Белград – Свечена академија по повод празникот на светите браќа Св. Кирил и Методиј, со гостување на Симона Груевска Маџоска од Институтот за македонски јазик од Скопје.
28 мај, куќа на Ѓуро Јакшиќ – Поетска вечер и портрет на поетесата Емилија Тодорова од Австралија.
2 и 3 јуни, кино сала на Етнографскиот музеј – Филмска ревија на македонскиот режисер Љубиша Георгиевски, со избрани дела од неговиот опус, во соработка со македонската кинотека.
Култура
Промоција на нов хумористичен роман од Кацаров во „Матица македонска“

Во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, утре, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите Св. Климент Охридски, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров, „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.
Новото дело на Кацаров, всушност е роман за киното. За киното како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стерсови и реакции најчесто изрзени низ извици: „Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“ Но, и антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во „Романот за Чарли Офтика – Туркачот’ на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот, докторот по правни науки Алексеј Миро. Роман што ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите.
„Поради големата застапеност на хумор во него, романот е забранет за оние што не знаат да се смеат, но и за оние што се смеаат до зајдување. Ако го набавите денес, смеењето ќе ви почне од вчера!“ – стои во најавата на промоцијата, на која читателите ќе можат и да поразговараат со Кацаров.
Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.