Култура
Полски плакат во Националната галерија
Амбасадорот на Полска, г-дин Карол Бахура, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија точно на пладне ја отвори изложбата „Полски плакат“.
Амбасадорот на Полска, г-дин Карол Бахура, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија точно на пладне ја отвори изложбата „Полски плакат“.Актуелен повод за отворањето на изложбата е почетокот на Полското претседателство со Советот на Европската Унија. На пригодната свеченост која почна со интонирање на европската химна „Ода на радоста“ присуствуваа повеќе екселенции и претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија.Во својство на домаќин на свеченоста Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија, ги поздрави присутните гости.„Изложбата е резултат на нашата повеќегодишна успешна соработка со амбасадата на Република Полска во Скопје и се надеваме дека соработката ќе продолжи на високо ниво и во иднина. Полско-македонското пријателство и меѓусебно почитување повторно се потврдува со претставувањето на полски плакати од колекцијата на амбасадата на Полска во Македонија, презентирани овде, во Мала станица, еден од трите репрезентативни објекти на Националната галерија на Македонија“ – изјави Маја Крстевска.„Плакатот е една од најпрепознатливите полски современи уметнички изразни форми. Изложбата е составена од плакати на повеќемина автори, претставници на двете најважни полски школи на плакатот – Варшавската и Краковската. Овие школи, по својот специфичен приод во областа на графичкиот дизајн, како и сите претставници кои излегуваат од нив, се познати и препознатливи не само во рамките на Полска, понатаму Европа, туку и ширум светот“. „Особено радува фактот што со посредство на Н.Е. Карол Бахура добивме прекрасна можност на македонската јавност да и претставиме поголем број репрезентативни примероци на светски познатите и препознатливи полски школи. Преку овие плакати сакаме адекватно да го прикажеме и доловиме современото културно богатство на Полска“ – нагласи Крстевска.Во својот говор амбасадорот Карол Бахура го потенцираше актуелниот миг на полското преземање на претседателството со ЕУ, а откри и моменти од историјатот на создавањето на полскиот плакат.„Уметноста на создавање плакати во Полска постои речиси 120 години, без разлика дали станува збор за информативен плакат, плакат за театар или кино, политички, пропаганден плакат и слично. Уметноста значително се возвиши по Втората светска војна, кога во 1948 година Томашевски – еден од претците на таканареченото „Училиште за полски плакат“ – стана добитник на пет главни награди на Биеналето на филмски плакат во Виена. Сепак, терминот „Училиште за полски плакат“ почна да се употребува во 60-тите години на 20-тиот век, со цел да се истакнат сите полски уметници кои се стекнале со меѓународно признание“ – изјави амбасадорот Карол Бахура.Меѓу најзначајните полски уметници амбасадорот ги наброи Томашевски, Мајевски, Млодожениц, Лашка, Дужински, Кот, Ботовцик, Старовијски, Сарнецки, Старовиц, Свирци, Фангор, Хибнер и Каларус. Благодарение на соработката меѓу полската амбасада и Националната галерија на Македонија со поддршка од Министерството за култура на РМ, делата на дел од овие автори можат да се видат во мултимедијалниот центар „Мала станица“.Како мошне значаен момент за Република Полска, амбасадорот го потенцираше појавувањето на полската верзија на плакатот за филмот „Точно на пладне“, на кој Гари Купер место пиштол во раката држи превиткано гласачко ливче на кое пишува „Избори“. Тоа е пресвртниот момент во поновата историја на полската држава, која под знамето на „Солидарност“ излезе од доминацијата на тогашниот Советски Сојуз и го започна патот кон Европската Унија и кон НАТО.„Нема подобар начин да се започне со Претседателство во Советот на Европската Унија освен со отворање на изложбата на „Училиштето за полски плакат“, чии што дела постоеја за време на најважните дати од полската историја, започнувајќи од 19-тиот век, па се до денес, до Претседателството со Советот на Европската Унија, а се надеваме и многу подалеку од оваа дата“ – заклучи полскиот амбасадор Бахура.Полското претседателство со Советот на ЕУ и отворањето на изложбата „Полски плакат“ го поздрави и Роберт Лидл, прв секретар во Делегацијата на ЕУ во Македонија.„Европа е создадена врз основа на солидарноста во многу тешки времиња“ – потенцираше Лидл, имајќи го в предвид ангажманот на „Солидарност“ во конституирањето на демократијата во полската држава.Исто така, Лидл го нагласи моментот на крајот од 80-тите години на 20-тиот век како крстосница на поновата европска историја. Во тогашниот миг Полска го одбра патот по кој стигна до Претседателството со Советот на ЕУ. Со истата храброст, потенцираше Лидл, и Република Македонија треба да одлучи по кој пат ќе продолжи да се приближува кон Европската Унија./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.

