Македонија
Иванов и Вељаноски на литургија во Соборниот храм, Груевски во Тетово
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово Божик во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан богослужеше Златоустова литургија.
Премиерот Никола Груевски, пак, присуствуваше на божикната литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.
Иванов и Вељаноски по завршувањето на литургијата на граѓаните со православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, среќа, успех и личен просперитет.
„На сите верници кои денес го слават Рождеството Христово Божик им го честитам овој голем христијански празник и на сите нив им го посакувам сето она што го посакувам за себе и за своето семејствомногу радост, среќа, успех во животот, во нивните домови да има спокој и мир и да има просперитет и успех. Како што празниците не обединуваат и како овие празнични денови сме сите заедно посакувам во текот на целата година да бидеме сите заедно и да има многу успех и просперитет во целата наша држава“, истакна претседателот Иванов. На бадниковата вечер паричката се паднала во домот.
Претседателот на Собранието, Вељаноски на граѓаните на Република Македонија со православна вероисповед им го честиташе големиот христијански празник и им посака многу здравје, среќа и успех и на приватен и на професионален план, на политичарите поголемо поголемо единство и сплотеност, а на Република Македонија напредок и просперитет.На бадниковата вечер паричката се паднала кај неговата ќерка Ивана.
„Христос се роди, навистина се роди. Нека е за многу години и нека денешниот празник ни носи здравје, повеќе успеси, нека ни носи повеќе работни места
во државата, поголема благосостојба, поголема хармонија и меѓусебно разбирање, изјави премиерот Никола Груевски по божиќната литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.
На одбележувањето на Божик во „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово присуствуваа повеќе верници од градот и околината. Покрај Груевски, таму беа и министерот за надворешни работи Никола Попоски./крај/миа
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

