Македонија
Хуманитарна помош од Општина Илинден за настраданите во поплавените подрачја
Над 15 тони храна, вода, средства за хигиена, тоалетна хартија, постелнини, ќебиња, облека и обувки е хуманитарната помош што жителите и бизнис заедницата на Општина Илинден ја обезбедија за жителите на настраданите подрачја од големите поплави што ја зафатија Македонија.
Во изминатите два дена Општина Илинден ја организираше хуманитарната акција „Да ја покажеме хуманоста на дело“ во која граѓаните, стопанските субјекти, месните заедници, спортските клубови, невладините здруженија, јавните општински претпријатија уште еднаш ја искажаа својата хуманост, покажувајќи дека во секој момент се подготвени да помогнат секому кому е потребна нивната помош.
Во соработка со компанијата „Дени Интернационал“, која што со еден од своите шлепери се погрижи за транспортот, собраната хуманитарна помош е упатена до оние на кои што во моментот им е најпотребна во Пелагонискиот регион, во Општина Новаци. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Митева: Постигнат е договор со банките и условите за користење на кредитната линија се утврдени
Постигнат е договор со банките и средствата од унгарскиот кредит ќе го придвижат стопанството, информира на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Појасни дека на седница на Влада се донел заклучок во врска со предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитна линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва.
„Врз основа на истото Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под следните услови:
– минимален износ по корисник до 10 милиони евра;
– рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс период до 3 години и квартална отплата по завршување на грејс периодот;
– фиксна каматна стапка од 1,95% без надомест за одобрување и управување;
– сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата.
Дополнително, средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на дејност производство и истите ќе можат да се користат за следните намени:
– инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема;
– недвижности (погони, фабрики , деловни објекти за сопствена употреба);
– транспортни средства поврзани со производствениот процес;
– обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и
– нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери“, соопшти Митева.
Исплатата, како што најави, ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата.
Според Митева, имајќи предвид дека бруто-домашниот производ е проектиран на 16 милијарди, станува збор за 5 проценти од бруто домашниот производ, средства коишто како што нагласи се очекува да бидат инвестирани оваа и следната година.
Тоа според неа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост.
Македонија
Ахмети: Слободата не е дестинација, туку постојано и незапирливо патување
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, упати честитка до албанскиот народ по повод 28 ноември, порачувајќи дека слободата не е дестинација, туку трајно и незапирливо патување.
„Почитувани браќа и сестри сонародници, Од се срце ви го честитам денот на знамето и независноста на Албанија.
Оваа 112-годишнина од најсветите денови на нашата албанска нација не потсетува дека напорите за слобода, еднаквост, независност, знаме, јазик се секојдневни и нашите заложби никогаш не треба да престанат, бидејќи слободата не е дестинација, туку постојано и незапирливо патување. Вечност на Албанија и на Албанците!“, пишува Ахмети во честитката.
Скопје
Организирана акција за садење дрвца во општина Кисела Вода
Во духот на грижата за животната средина и создавање поздрава животна средина за идните генерации, денес во oпштина Кисела Вода се спроведе голема акција за пошумување. Настанот, кој вклучи засадување на 1000 чемпреси, донација од комапнијата Џонсон Мети и Хуманитарната организација Свети Спас, го предводеа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и заменик генерaлниот директор на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, а во акцијата учествуваа и волонтери од Џонсон Мети, како и претставници од локалната администрација. Се садеше во поголемите паркови, Паркот на шахот, како и во паркот “Феникс”, Дупки во Драчево. Во периодот што следува, ќе бидат засадени 500 брзорастечки дрвца, кои ги обезбеди Општина Кисела Вода.
– Секое дрвце што го засадуваме денес е симбол на нашата посветеност кон зачувувањето на природата и обезбедување подобар квалитет на живот за сите нас. Пошумувањето не е само акт на разубавување на просторот, туку и важен чекор во борбата против загадувањето и климатските промени. Грижата за животната средина е високо поставена на листата на приоритети на Општина Кисела Вода, за што говорат седумте новоизградени паркови и 13 спортско-рекреативни центри во овие три години, преку кои, ја оплеменивме општината со 80 000 м2 зеленило. Сакам да упатам благодарност до заменик генерaлниот директор на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, до компанијата “Џонсон Мети” и до до отец Оливер и Хуманитарната организација Свети Спас, кои несебично донираа значителен број дрвца за оваа акција, како и до сите волонтери кои се вклучија. Исто така, и ние како општина обезбедивме брзорастечки дрвца, како уште еден од многуте проекти кои ги реализираме за поздраво и поубаво опкружување. Ваквите акции ќе продолжат и во иднина, со уште поголем обем и учество, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.