Македонија
Нема да се вработуваат Македонци на бродовите оти изнудувале пари од компаниите
Најголемите компании кои ангажираа работници од регионот за работа на брод нема веќе да ангажираат работници од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, бидејќи често лажеле дека се повредиле на брод и изнудувале пари од компаниите во договор со лекари и адвокати.
Од агенцијата која врши посредување за работа на брод во Македонија „Коузон“ за Фактор.мк велат оваа одлука се однесува за 14 држави, меѓу кои е и Македонија, а истото не важи за Црна Гора, Хрватска и Словенија.„Причината за оваа неочекувана одлука на најголемата компанија Royal Caribbean, која ангажира работници за работа на брод од регионот, се симулираните лекарски проблеми од страна на лицата кои заминуваат да работат. Ова е смислен и организиран атак врз компанијата која на овој начин губи многу пари и е принудена да го прекине договорот. Заминуваш на работа, работиш одредено време, симулираш лекарски проблем, се пожалуваш и бараш отштета од компанијата, ова е сценариото кое го симулираат одредени лица и истото ги натера надлежните од компанијата во одреден период ја запрат побарувачката за работен труд од нашата земја и регионот“, велат од Коузон.За овој случај пишуваат и српските медиуми.„Србите кои се мрзливи и не сакаат да работат туку да дојдат до леб без мотика, се досетиле да ги тужат компаните за лажни повреди на работното место, исчашен рбет, ишијас, спондилоза. Да биде уште полошо, агенти од адвокатски канцеларии врбуваат такви луѓе за да ги тужат компаниите, да земат пари, а адвокатите да земат дебела провизија и од тоа да направат добар бизнис“, изјавил за „Блиц“, жител на Белград на кого по добивањето на датум за почеток на работа на брод, компанијата Royal Caribbean му јавила дека сепак нема да почне со работа поради промени на потребите на компанијата.Компаниите оваа политика ја оправдуваат со „насочување кон западот“, односно вработување на луѓе од Швајцарија, Норвешка, но и Кина. Сепак компаниите кои се посредници меѓу бродските компании и кандидатите за работа, тврдат дека компаниите ја затвораат вратата за цели нации поради изнудување на пари со лажни повреди во договор со лекари и адвокати. „Каков народ сме? Наместо да работат, тие се фолираат. Поради два отсто луѓе кои лажат наместо да работат, ќе пати цела нација. Тоа трае веќе некое време, „Сelebrity“ не прима работници од овој регион веќе година дена, а по тој пат тргнаа и другите компании. Постои можност на Србите да им биде забранета работа на сите бродови. Во некои од компаниите сега примаат само девојки. Поради нив, ќе платат сите, нив им е гајле, се забавуваат по Америка, па се враќаат и земаат пари“, вели за „Блиц“, правниот застапник на компанијата “Safe Cruise”.Лажирањето на повредите воопшто не е лесно, бидејќи компаниите ги проверуваат своите вработени. „Повредените“ користат лажни дијагнози, а со лекарите ја делат исплатата, односно отштетата по пола.„Го поминав интервјуто, тренинзите, сите лекарски проверки. Кога го добив датумот за одење на брод, дадов отказ, извадив виза, ја оставив девојката која ја сакам, која сакаше да се омажи за мене. А потоа ми стигна мејл во кој ми соопштуваат дека сепак не можат да ми понудат работа поради промени на стратегијата на компанијата“, раскажува белграѓанецот кој требало да замине на брод.Конкурсот, вадењето на документи и подготовката за на брод, кандидатите ги чини и по 1.000 евра.Компаниите кои засега го запреле вработувањето на Срби на бродовите се „Royal Caribbean” i “Celebirty”, додека “Carnival” моментално вработува само девојки. „Не е точно дека само Србите прават проблеми, туку прсти замешала изгледа и политиката. Не знам што им фали на нашите земји, но речено ни е дека поради насочување на компаниите кон запад, мажите од Србија не се добредојдени“, вели вработен во агенцијата “Sea agency”, агенција која ги поврзувала кандидатите со компанијата “Royal Caribbean”.Според „Фактор“, од Македонија оваа година на брод требало да заминат 30-40 лица, но поради оваа одлука истите сега ќе останат дома, додека оние кои веќе се таму и работат си остануваат и за нив оваа одлука не се однесува./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски политиката ја сведе на таблоид
Премиерот Мицкоски политиката во земјата ја сведе на ниво на таблоид. Наместо решенија и одговори за проблемите со кои граѓаните се соочуваат, сведоци сме на празни изјави на премиерот на ниво на жолт печат, без суштина, без реална политика, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова не е политика, туку дефокус. Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите, а тоа е примарна цел на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Додека течат криминални тендери зад грбот на народот му се сервираат измислени афери, црни кампањи, јавен линч врз опозицијата“, рече тој.
Последниот пример, додаде Филипче, е сите да се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и црната кампања на ВМРО против мене, со Жан Митрев, додека се увезуваат 10.000 „економски работници“.
„Ќе објават една лажна вест за зграда во Дубаи, а во позадина ќе протуркаат Декрет во Собранието. Целото внимание намерно се насочува кон нешто измислено. Ќе објавуваат нова измислица освен зградата од 42 ката во Дубаи, некое патување во Дубаи преку Венеција., а во позадина се протнува Закон за странци како вовед во носењето на мигранти, односно „економски работници“. Објавуваат лага на Жан Митрев на Алфта ТВ, нов фабрикуван случај „рекет“ а под маса си делат тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општините, 1,2 милиони евра тендери преку пошта, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени. Во следните денови следат нови бомби, нашиот АКТ тим работи врз основа на информации коишто се аплицираат на нашата антикорупциска платформа. Огромен број од информациите доаѓаат од членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту една институција досега нема преземено ништо за ниту еден од овие скандали“, рече Филипче.
Тој истакна дека секогаш кога ќе излезе некоја измислена, фабрикувана афера, тоа е дефокус.
„Секогаш кога ќе прочитате текст од кујните на ВМРО, Вие, почитувани граѓани треба да знаете дека се случува уште една пљачка зад вашиот грб. Прават дефокус за вие тоа да не го видите. Планот е едноставен: изолација, избори, па мигранти за пари. Но разоткриени се и ова нема да помине. Секој нивни чекор го знаеме однапред“, рече лидерот на СДСМ.
Македонија
(Видео) Притисок, замрзнати сметки и понуда за багателен откуп: Како, според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Филипче сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешна прес-конференција изнесе обвинувања кон поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Според Петрушевски, двајцата му нуделе помош во тековната судска постапка на докторот Жан Митрев, во замена за отстапување на неговата болница по „багателна цена“.
„Преку државните институции и инсталациите во правосудството, Заев и Филипче вршеле притисок врз др. Жан Митрев за на легален начин и по релативно ниска цена да ја откупат болницата“, изјави Петрушевски.
Тој опиша дека, откако биле замрзнати сметките на доктор Митрев и неговата здравствена установа, бил спречен да продава удели од болницата додека траела постапката. Сепак, според зборовите на пратеникот, поранешната власт го заобиколила ова.
„Користејќи ја својата политичка моќ како власт во државата, ургирале да се тргне забраната за продажба на удели во болницата и му дале предлог на др. Жан Митрев, да им ја продаде болницата по багателна цена, а тие да му помогнат во судската постапка“, рече Петрушевски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој случај не е изолиран, потсетувајќи дека за други болници во јавноста претходно се ширеле слични информации.
Македонија
МВР предупредува: Не наседнувајте на лажни пораки во име на директорот на БЈБ и од Единицата за сајбер безбедност
Во МВР пристигнуваат пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во која се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен емаил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
Според МВР, целта е примачот на пораката да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на БЈБ – МВР ниту од одделението за сајбер криминал и безбедност.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку маил и доколку внимателно се прочитаат овие пораки може веднаш да се забележат грешки во текстот во однос на тоа дека е направен со лош превод на интернет со тоа и смислата на содржината на пораката насочува дека е сомнителна поточно измама“, велат од МВР.
Од таму апелираат на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците.
Исто така, МВР ги предупредува граѓаните да не отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на нивниот компјутерски систем од малициозен софтвер.

